Силјановска во кампања за собирање потписи: #СеПотпишавЗаПравоиПравда

Кандидатот за шеф на државата, Гордана Силјановска Давкова, откако вчера најави дека ќе ги собира потребните 10 илјади потписи за официјалната кандидатура, денеска, преку својот фејсбук профил, повика на мобилизација и масовност пред канцелариите на ДИК, каде се собираат потписите.

Почитувани граѓани,
Како што веќе најавив, од денес, па во наредните две недели, ќе се одвива постапката за собирање потписи за мојата претседателска кандидатура и тоа во локалните канцеларии на ДИК во вашите места на живеење. Секој ваш потпис ќе значи огромна поддршка и поттик не само за мене лично, туку и за сите наши сограѓани – овој процес ќе биде знак дека сме обединети околу заедничката: сите за Македонија!

Најдобар начин да ги мотивираме другите и да испратиме порака дека од нас зависи, е да излеземе масовно до канцелариите на ДИК и да ставиме потпис. Доколку почувствувате потреба да ги охрабрите другите, би можеле да направите самослик (selfie) и да го постирате заедно со хаштагот #СеПотпишавЗаПравоиПравда. Или само хаштаг без селфи.

Се разбира, ова е само една идеја за мобилизирање и взаемно оснажување – помислете дека секој таков чин може да ги инспирира другите околу вас! И така, на крајот, навистина, од овој процес да излеземе здружени околу Македонија.

Бескрајна благодарност до сите вас што ме охрабрувавте и дававте конкретна поддршка и во изминатиот период, напиша Силјановска на фејсбук.