Силјановска: Законот за јазиците ќе создаде хаос во институциите

Кандидатот за претседател на Република Македонија Проф. д-р Гордана Силјановска Давкова вечерва се обрати на граѓаните во Тетово.

Силјановска Давкова на самиот почеток им се заблагодари на граѓаните од Тетово што дошле во толкав број и што ја поддржуваат.

Во Струга прифатив, зошто знаев дека намерата е добра, а целта е заедничка, право и правда за Македонија. Ја користам приликата и уште еднаш да им се заблагодарам на оние со кои можеби во Струга бевме противници, ама денеска сме извонредни сојузници. Без нивната помош јас не можам да стигнам секаде ама тие се многу помлади од мене, пред нив стои блескава политичка кариера и тие знаат што е најдобро во моментов за Република Македонија, појасни Силјановска Давкова.

Знам што најмногу го тишти Тетово, јас не сум националист. Јас сум човек роден во турска куќа, човек кој одраснал со побратими не може да биде националист. Меѓутоа не можам, а да не кажам дека јазикот е најважниот код за комуникација, особено во мултикултурно, мултиетничко општество. Не може да се разбираме преку преведувачи. Да, Конески велеше дека јазикот е татковина, ама ние знаеме колкупати кога сме биле изгубени во преводот не сме знаеле што навистина било предмет на разговорот, истакна Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова додаде дека таа не агитира само за еднојазичност, монојазичност. Нема ништо против проширување на јазичните права, но треба да биде водена од правото и правдата и ако е тоа во рамките на Уставот и Рамковниот договор.

Ако на корицата на законот стои насловот „Закон за употреба на јазици“ тогаш внатре барате во првиот член на видите кои се тие јазици. И очекувате таму да бидат наброени албанскиот, турскиот, ромскиот, српскиот бидејќи тие се службени јазици во единиците на локалната самоуправа зошто така таму каде што се над 20%, а може и таму каде што не се 20% ако така одлучи Советот, зошто така вели Уставот, односно амандманот 5, член 7, појасни Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова додаде дека не е така бидејќи на корицата имате плурал, а на првата страница има сингулар односно во еднина. И во заграда си пишува дека е тоа само албанскиот јазик. И според ова флоскулата на власта едно општество за сите не држи.

Наскоро ние можеме да се соочиме со парализа во судскиот систем. Имено дури и во ЕУ, дури и во судот во Луксембург на еден јазик почнува постапката и на тој јазик завршува. Зошто? Оти замислете сега како ќе одговориме на прашањето па кој закон е вистинскиот. Документите на кој јазик се вистински, кои се автентичните тоа се ќе создаде проблеми, истакна Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова на граѓаните објасни дека со законот за употреба на јазици ќе се создаде хаос во институциите, претпријатијата, факултетите. Таа не критикува од националистички причини туку критикува врз база на правото.

Не попусто народот во химната се бори за правдата и правдини, ние повикуваме на правна држава. Всушност тоа е вистинскиот пат кон ЕУ, посочи Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова потсети дека власта се води со политика која е спротивна и на македонското уставно право и на меѓународното задолжително право.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ повеќе зборува и со право за економијата, а јас само ќе кажам дека креирањето на добра економска политика, водењето на просперитетна економија, либерална економија е многу важно не само за имиџот и успехот на една влада, но тие се именуваа како реформска влада. Сите повторуваа рефомска влада, а ние се прашувавме како во старт реформска влада. Нели треба една влада низ чекори, низ потези, низ успеси да покаже дали е реформска или е антиреформска. Ама оваа влада е антиреформска, истакна Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова потсети дека германските претприемачи и економисти со нула ги оценија економските состојби во Македонија.

Потребни се суштински промени, први на претседателските избори, а вторите на парламентарните предвремени избори, нагласи Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова на граѓаните во Тетово им рече дека на 21 април треба да се победи, не бидејќи таа има животна желба да биде претседател, туку поради изразената доверба и отворената врата во Струга и со своето знаење и искуство има шанса да донесе право и правда во Република Македонија.