Силна бура во Истанбул, плоштадот „Таксим“ и околните улици под вода

Силна бура го зафати попладнево Истанбул, предизвикувајќи поројни дождови со град и грмотевици. Плоштадот „Таксим“ и околните улици се целосно поплавени, а силниот ветер ги занесувал автомобилите.

Поплавени се и трамвајските линии од периферијата на градот кон центарот. Во прекин бил и сообраќајот во метрото.

Трговскиот центар на Истанбул, „Еминонју“, на брегот на Босфор, исто така, е под вода. Просторот пред Египетскиот пазар е поплавен, а надојдената вода го достигна морското ниво.

Бурата траела околу еден час, по што комунални екипи ги расчиствуваат улиците и се обновува сообраќајот во градот.

Метеоролошката служба предупреди дека вечерва се очекува бура и поројни дождови на азискиот брег на Истанбул.