Силното невреме во тетовско зеде четири жртви

Петта жртва на невремето во тетовско - пронајдено тело на маж
Петта жртва на невремето во тетовско - пронајдено тело на маж

Силното невреме во тетовско вчера зеде четири жртви. Станува збор за Х.Ф. (83), А.М. (14) и Р.А. (1,5) од Шипковица, како и А.И. (7) од Тетово.

Исчезнато шестгодишно девојче

Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски вели дека телата на починатите по силното невреме во тетовско се пронајдени, а како исчезнато се води шестгодишно девојче од Шипковица.

Повредени се засега 11 лица, најмногу од Шипковица, Селце Џепчиште и Мала Речица. Дел од нив се уште се на болничко лекување, а дел се пуштени дома, рече Јосифовски.

Свлечиштата носеле објекти

Четири возила се оштетени од паѓање гранки, дрва, предмети. Се уште се пријавуваат штети на куќи и објекти однесени од свлечишта.

Однесен е и Вратничкиот мост меѓу горно Орашје и Нераште, информираат од полицијата.

Дете почина додека си играло во двор

Во селото Голема Речица во дворот од куќата на Љ. Б. пронајдено е починато малолетно дете, исфрлено од Речишка река со видливи повреди во пределот на главата.

Надлежен јавен обвинител наредил обдукција на момчето.

Прилеп под вода

Подрачјето на Пелагонија вчера беше зафатено од силно невреме. Прилеп е под вода, а во северниот дел од Пелагонија, Долнени имаше интензивни поројни врнежи од дожд, силни електрични празнења и ветер.

Во моментов интензивни процеси има во битолскиот дел од Пелагонија и во Штип, каде има силни електрични празнења, интензивен пороен дожд и силен ветер, информираа вчера од Управата за хидрометеоролошки работи.

Поради поројните дождови и силните грмотевици што зафатија делови од пелагонискиот регион и штипско-кочанската област како и во прилепско, освен тоа што Прилеп е под вода, најкритично е во Тетово. Реката Пена е пред излевање. Поплави има по улиците и во градот.

Граѓаните од тие делови на земјава сведочат за пороен дожд, поплавени улици, земјоделски површини, уништени земјоделски производи.

Поради обилни врнежи во селото Доброште во 18 часот дошло до излевање на реката, по што регионалниот пат Тетово-Јажинце и обратно е во прекин, соопшти АМСМ.

Поради свлечишта и камења на патот, патниот правец Тетово-Попова Шапка е во прекин.

До крајот на денот на повеќе места ќе се задржи нестабилно и облачно време, со поројни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите можат да бидат поинтензивни и во форма на невреме со силни електрични празнења, интензивни врнежи, како и појава на град.

 

 

Невреме во Дојран. Пороен дожд, грмежи и засилен ветар имаше на повеќе места во северните, источните и југоисточните делови од државата.