Симон Трпчески снима материјал за нов албум во студиото М1 на МРТ

Глобално прославениот македонски пијанист Симон Трпчески во познатото студио М1 на Македонската радио-телевизија снима материјал за новиот компакт-диск. Со избрана екипа колеги работи за нов албум со дела од современата класична литература за камерна музика: „Квинтет“ на Панде Шахов, специјално адаптиран, како и делото „Дивертименто за секстет“ од францускиот композитор Гијом Конесон, во аранжман на перкусионистот Влатко Нушев.

„Чест ми е што можеме на некој начин да го оживееме ова фантастично студио што Македонската радио-телевизија и Македонија воопшто го поседува. Со мене се дел од колегите од проектот „Македонисимо“, освен Нушев, Хидан Мамудов и Александар Сомов, како и уште двајца фантастични колеги: нашиот врвен виолинист Ѓорѓи Димчевски и одличниот виолист Сорин Спасинович од Романија. Се надеваме дека ова ЦД многу скоро ќе излезе под престижната етикета на британскиот „Лин Рекордс“. Драго ми е што овој проект во време на пандемија се остварува со еден поголем тим во кој се и „КултурОп“ и Македонската радио-телевизија“, изјави Трпчески за МРТ.

Познатиот пијанист во изминатиот период во Берлин сними материјал за уште еден нов албум со солистичка пијанистичка литература од германски автори што, исто така, ќе го издаде „Лин Рекордс“.

Концертната рестрикција предизвикана од пандемијата се одрази и на неговиот распоред, па минатиот месец се одржаа само концертите во Букурешт, а на 9 април Трпчески во Катовице ќе настапи со Оркестарот на полското национално радио.

Како што соопшти „КултурОп прес“, во план се и настапите со Оркестарот на Минесота во САД и концерт со Националниот оркестар на Франција во Париз на крајот од април. За наредниот месец се најавени рецитал во рамки на Интернационалните пијано-серии во Лондон и концерт со Софиската филхармонија.