Симона Груевска – Маџоска: Комплетно згрешена концепција и експериментирање со учениците!

Професорката Симона Груевска – Маџоска од Институтот за македонски јазик денеска реагира на Фејсбук по најавите дека македонските ученици нема повеќе да учат историја како посебен предмет.

Министерката за образование Мила Царовска објасни  дека претопувањето на предметот Историја во предметот Општествени науки е направено според образовниот модел на Финска.

Професорката на Фејсбук сподели линк на кој може да се види списокот на предметите кои ги изучуваат учениците во основните училишта во оваа скандинавска земја.
„Список на предмети за основно образование во Финска, сосе посебен предмет историја. Колку да се види какви глупости се продолжуваат да се прават со образованието. Изгледа они се глупавитите“, реагира професорката.

Според професоркатаГруевска – Маџоска, скандалозна е реформата на основното образование.

„Комплетно згрешена концепција и експериментирање со учениците! Укинат предметот историја и ставен во групен предмет Општествени науки! Е па „браво”! Што да кажам друго! Да не коментирам обраќање на универзитетска професорка без познавање на стандарднојазичната норма! Еден акцент не погоди! Резил!!!“, вели професорката.

Кога ќе се отвори линкот се добива можност да се видат образовните програми за учениците во земјите-членки на Европската унија. Така, за Финска се наведува дека тамошниот Закон за основно образование ги регулира предметите вклучени во наставната програма.
Наставната програма за основно образование ги вклучува следниве предмети заеднички за сите ученици: мајчин јазик и литература (фински или шведски), втор национален јазик (шведски или фински), странски јазици, студии за животна средина, здравствено образование, религија или етика, историја, социјални студии, математика, физика, хемија, биологија, географија, физичка едукација, музика, визуелни уметности, занаети, домашна економија, советување за водење, а се изучуваат и изборни предмети.