Симовски: Ќе најдеме решение да ги попишеме сите граѓани

На седум дена до финишот на најголемата статистичка операција во земјава, ПОПИСОТ, веќе се попишани над 1,3 милиони граѓани, говорат вчерашните последни податоци.

Првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, во разговор за Фактор, вели дека е оптимист и дека очекува да бидат покриени буквално сите места во земјава, и ниту еден објект да не остане непосетен од страна на попишувачите.

Тој објаснува и дека е изнајдено решение за лицата кои моментално не се во своите домови, на пример оние кои подолг период престојуваат во своите викендички во одредени села или во други рурални населби во земјава.

„Доколку тие лица таму времено престојуваат, нашите попишувачи ќе дојдат токму на локацијата каде што во моментот се наоѓаат, и таму ќе ги попишат. Таму ги прашуваат каде точно живеат, односно каде се нивните адреси, и податоците се префрлаат во базите на адресите каде што тие вистински живеат. Тоа е позната метода за да се премости овој проблем, а за нас е најбитно што ќе ги собереме точните податоци за овие граѓани“, објаснува Симовски.

Првиот човек на Статистика вели дека има решение и за граѓаните до чии објекти попишувачите веќе дошле, но од различни причини не ги нашле токму тогаш во нивните домови.

„Граѓаните, доколку кај нив попишувачите се уште не дошле затоа што не ги нашле дома, имаат можност да се јават на телефоните на нашите комисии. Нашите комисии се организираат и практично се договараат со тој граѓанин кога да дојдат во неговиот дом, односно кој ден и во колку часот би можел да биде дома, и се наоѓа начин како во нивните домови да дојде попишувач кој ќе ги земе нивните податоци, односно ќе ги попише“, објаснува Симовски.

Практично, како што вели, се прават сите можни напори за да се попшишат сите граѓани.

„Правиме буквално се никој да не остане непопишан. Ние сме многу упорни, можеби и многу здодевни и не се предаваме, но нашата цел е да ги опфатиме сите граѓани“, објаснува директорот на заводот.

Статистика се очекува денеска да го соопшти и моделот за граѓаните кои попишувачите не ги нашле и по неколку пати, од било кои причини, а не се јавиле ни телефонски да кажат кога можат да бида попишани. Засега тоа не може да се открие, но ќе биде решение за овие граѓани, веројатно преку давање на одредени локации каде тие ќе можат да дојдат и да бидат попишани.

Симовски вели дека е многу мал бројот на оние граѓани кај кои е јасно дека не сакаат да се попишат, односно не им отвораат врата на попишувачите. И кај нив се настапува упорно, и се прават обиди да се попишат, а на крајот од денот, се знае дека за нив има и законски постапки.

„Но, нас не ни е целта тие граѓани да ги санкционираме, туку да ги попишеме. Кај многу од нив кај кои имало отпор на почетокот, сега самите се јавуваат и сакаат да бидат попишани“, вели Симовски, така што занемарлив е бројот на оние што одбиваат да се попишат.

До пописот има уште седум дена, и има и локации кои попишувачите се уште не ги посетиле, но Симовски е дециден дека овој период е доволон да се стигне секаде и комплетно да се попишат сите граѓани.

Фактот што досега има над 1,3 милиони попишани граѓани се уште не значи ништо, односно врз база на тој податок се уште не може да се прават никакви претпоставки.

„Ние велиме дека досега сме опфатиле 1,3 милиони, но можеби има граѓани кои дупло се попишани, еднаш на една локација, друг пат на друга, што воопшто не е грешка, но ние ќе мора да ги вкрстиме податоците, и секој попишан граѓанин да се брои по еднаш“, вели Симовски.

Вчера ДЗС и преку соопштение до граѓаните информираше дека Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, се наближува кон крајот. Остануваат уште седум дена и попишувачите со максимален интензитет ги посетуваат домаќинствата за никој да не биде изоставен и непопишан. ДЗС апелира за трпеливост, потенцирајќи дека попишувачите се на терен и ќе го посетат секое домаќинство.

„Би сакале да ги потсетиме граѓаните дека треба да ги проверуваат овластувањата на попишувачите и да ги примаат само оние кои имаат овластувања од Државниот завод за статистика“, соопштија од ДЗС.

Исто така, уште еднаш потсетуваат дека податоците од Пописот се исклучиво за статистички цели и ќе се објавуваат само агрегирано, а никако како лични податоци. Никој нема пристап до личните податоци, а целиот процес на обработка ќе биде автоматизиран и без каков било субјективизам.Од друга страна, велат, Државниот завод за статистика никогаш досега, а ни отсега, ниту издавал ниту ќе издава какви било потврди за податоци дадени во Пописот ниту во некои други истражувања што ги спроведува ДЗС и со кои се прибираат лични податоци.

„Одговорите на т.н. чувствителни прашања – за етничка припадност, за вероисповед и за мајчин јазик претставуваат лично чувство на секој граѓанин и попишувачите (или некој друг) не смеат да сугерираат одговори. Попишувачите имаат должност да овозможат увид во внесените податоци, а секој граѓанин треба да го следи процесот на попишување и да гледа што попишувачот внесува во апликацијата. Доколку некој врши притисок по кој било основ, граѓанинот има право да го пријави случајот.Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на провокации и притисоци и во Пописот да ги дадат податоците кои се бараат од нив слободно, со доверба и според сопственото чувство.Да ја завршиме оваа активност која долго ја очекувавме за доброто на сите нас, затоа што успешноста зависи од сите нас!“, апелираа вчера од Државниот завод за статистика.