Симовски: Пописот и изборите не може да се спроведуваат заедно

Лесно им е на Србите да го одложат пописот, бидејќи немаат избори оваа година, истакна директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, објаснувајќи дека Македонија е во незавидна ситуација со оглед на тоа што ни претстојат локални избори, а како што додава, избори и попис не можат да одат заедно.

Ова го изјави Симовски за Плусинфо, откако Србија одлучи поради влошената здравствена состојба предизвикана од ковид-19 да го одложи закажаниот попис од април за октомври оваа година.

– Попис и избори дефинитивно заедно не можат да се спроведуваат и овој термин и претходно беше избран намерно за да се избегне ваквото поклопување. Ние веќе еднаш го презакажавме одржувањето на пописот во 2019 година поради редовните претседателски избори, а новиот за април годинава беше договорен некаде во октомври пред да се појават првите случаи со ковид-19 во Кина и потоа следеше прогласувањето на пандемијата – рече Симовски.

Како што објавија српските медиуми, Републичкиот завод за статистика на Србија при донесувањето на одлуката за одложување на пописот ја имал предвид препораката на Одделот за статистика на Обединетите нации и Фондот за население при ООН, кои издадоа пакет препораки, во кои како најразумно решение е одложување на пописот.

Ваква препорака добил и македонскиот Државен завод за статистика, но како што е веќе познато одлучено е пописот да се одржи во предвидениот терми.

– Сите земји кои за оваа година имаат планирано да спроведат попис добија ваква препорака, но ќе повторам, ние имаме избори во октомври и одлучивме да не се злоупотреби пописот во изборната кампања и обратно, да се ограничи што е можно повеќе политичкото влијание врз пописот – рече директорот на ДЗС.

На прашањето дали поради коронакризата се разгледувале и други опции за спроведување на пописот, Симовски одговори дека најдобро решение е да биде воведен адресен регистар, како што имаат некои земји и оваа статистичка операција ќе се реализира без никакви потешкотии.

– Во моментов ние трошиме големи финансиски средства, секако и човечки ресурси за да го спроведеме пописот, затоа што ова засега ни е единствената опција. Се надеваме дека во иднина ќе биде воведен адресен регистар, па наместо ваквата обемна операција која чини многу пари и луѓе, ќе биде реализирана од неколкумина и што би се рекло, ќе биде џабе – вели Симовски.

Поради кризата предизвикана од ковид-19, Шкотска и Ирска официјално го одложија планираниот попис во април за април следната година, а другите европски земји разгледуваат различни сценарија за спроведување на пописот што треба да се реализира оваа пролет.

Извор: Плусинфо.мк