Симовски: Тие што се вишок на избирачкиот список се надвор од земјата

Апостол Симовски, директорот на Државниот завод за статистика, вели дека оние што ги има на Избирачкиот список а не се попишале на неодамнешниот национален попис се надвор од земјата. Апсурдот е тоа што за утрешните локални избори, списокот на гласачи брои нешто повеќе од 1,8 милиони, а приближна иста е бројката, заедно со малолетници, на резидентни граѓани евидентирани на пописот.

„Да, ама во пописот се и децата и малолетните, а во списокот не се. Значи каде се тие што се во Избирачкиот список? Надвор од државата, многу едноставно и просто. Ние на крајот ќе излеземе со податок колку од нашето население е надвор. Нема да знаеме за сите каде се и колку време се, но ќе знаеме бројка, колку се во земјата, а колку се надвор“’, вели Симовски во интервјуто за МКД.

Првиот човек на ДЗС вели дека за пописот се набавени 5.650 компјутери, но дека само 250-260 ќе останат кај нив. Еден вреди околу 650 евра, а платени се вкупно околу 3,5 милиони евра за нив.

„Секако нема да стојат во нашиот магацин, ќе бидат дадени да имаат и натамошна употребна вредност и Владата ќе одлучи каде конкретно и кому ќе бидат дадени. Наше е да ги предадеме и со задоволство констатираме дека и натаму ќе се користат, бидејќи да ги чуваме овде нема цел“, вели Симовски.

Тој додава дека целокупниот попис би чинел 8,5 милиони евра или евентуално нешто повече и изрази големо разочарување од бојкотирањето на пописот од страна на Македонците кои живеат во прекуокеанските земји.