Шимпанзото Коко: рефлексија на цинизмот

1182

Емоции, солзи радосници и по некоја прегратка – познатото шимпанзо родено во нашата Зоолошка конечно се врати дома. По 10 годишно лекување од депресија во Холандија Коко се врати во Скопје. По десет години депресија во „режимот“ дојде живот во Македонија. И за шимпанзото Коки. И оди после не биди циник. Скептик тешко, зашто вообичаено скептикот се сомнева и се прашува во обид да ја спознае вистината, додека циникот во политиката се сомнева бидејќи верува дека (по дефиниција) секој актер на политичката сцена кај нас расипан и е мотивиран од лични и лукративни цели.

Додека скептикот ги детектира пропустите во владата и во другите државни институции, циникот гледа недостатоци насекаде во системот. Тој се храни од недовербата во власта и нејзината неодговорност да одговори на обврските што самата си ги задала како предизборни ветувања до избирачите. Цинизмот се прифаќа како механизам на самоодбрана, односно како средство да го заштитите својот здрав дух од секојдневните глупости на власта. Поточно, станувате циник како начин да ја одржите здравата дистанца од власта и политичарите. За жал, македонската држава стана ендемично подрачје за цинизмот. Коко е светол пример како се станува циник во Македонија.

Камо да беше само Коко. Стварно е тешко да не бидете циник во ваква реалност што ни ја креира власта. На пример, кога ќе слушнете како и со какви аргументи се брани премиерот за мајтапот што со него го правеле украинските комичари, што лажно го одглумиле претседателот на Украина Петро Порошенко и Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, единствен оправдан начин да пријдете на темата е со цинизам. Да тврдите дека Премиерот бил жртва на хибриден напад, во кој е употребена хибридна алатка, која е комбинација од легални и нелегални дејства, и дека зад руските пранкери Вован и Лексус се кријат агенти провокатори, или дека зафрканцијата што ја приредиле не става како држава во состојба на војна е исто како да тврдите без докази дека чајник орбитира околу Сонцето меѓу Земјата и Марс. Нешто што е надвор од разумот и за кои изјави не можете да  бидете скептични, зашто би требало да се сомневате во нивната вистинитост. Што би рекол Разор Хиченс: „што може да се тврди без докази, може да се отфрли без докази“. Вакви небулози оставаат простор само за чист цинизам и ништо повеќе.

Едно не можам да разберам!

Како власта не го гледа се’ пораспространетиот цинизам меѓу народот, особено младите. Не сакам да верувам дека власта не чита за да види што мисли народот за нивните глупости, или дека не знае и нема капацитет да сфати дека раширениот цинизам е еден од најистакнатите предизвици за демократијата. Да ја потсетам власта дека цинизмот како реакција вообичаено е генериран низ верувањето дека политиката или политичарите како такви не се добри, се неморални, покорни и се раководат од личен лукративен интерес. Не е тоа фаталистички песимизам, или верување дека ништо не може да се подобри и промени, како што сакаат цинизмот да го претстават одредени аналитичари. Напротив, безброј примери укажуваат дека широко распространетиот цинизам во општеството, особено кај младите во еден момент се трансформира во бунт и протест против авторитарните политики на власта.

Затоа вака генерираната култура на цинизмот во нашето општество бара нов пристап во размислувањето за младите и политиката кај нас. Една претходна власт не го виде, или немаше интелектуален капацитет да го види ова. Оваа пак ниту може, ниту сака да го види. Загрижувачки е кога младите стануваат циници (зашто велат дека човекот станува циник на свои 44), а  вие не сте го детектирале тоа. Нивната одлука да бидат цинички настроени критичари на власта не е знак на политичка апатија, страв, несигурност или неискуство, а особено не корозивен песимизам што ги прави премногу негативни и деструктивни за практицирање на политика. Напротив, да се биде циник, особено сега и тука, е добар знак на политички ангажман. Зашто цинички ориентираното општество веќе не прифаќа легитимит преку недоверба, туку повикува на легитимација преку одговорност и почитување на правата.

Само нека продолжи власта да ја потхранува културата на цинизам во македонското општество. Многу брзо ќе види дека паметните, добро образованите, ангажираните  цинично ориентираните граѓани не само што не се индиферетни кон се што ни приреди власта последниве години, како: газењето на мнозинската волја на народот, промена на името на државата, тргување со историјата, понижувањето што ни го приреди низ сервилноста, лакејството и недокваканоста на оние што не претставуваат во светот, економската мизерија, туку се грижат за својата иднина и се подготвени да се борат за промени. Цинизмот мотивира политичка акција, а само прашање е на миг кога младите а богами  и постарите низ цинизмот ќе ја сфатат моќта на колективната акција, што не само ќе значи промена на власта, туку фундаментална промена на македонската политика и можност за подемократско и праведно владеење со општеството.

Велат дека кога ќе го соголите циникот останува разочаран идеалист со високи стандарди. Токму она што во моментов се младите, а богами и мнозинството граѓани во Македонија.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.