Синџирот хотели „Marriot“ потврди истекување податоци за 5,2 милиони гости

Хотелскиот ланец „Marriott International“ објави во вторникот за истекување на податоците на 5,2 милиони негови клиенти како резултат на неовластен пристап до компјутерскиот систем, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на компанијата.

Станува збор за втор голем безбедносен инцидент на хотелиерската групација во последните две години.

„Кон крајот на февруари 2020 година компанијата откри дека пристапот до неочекуван обем на информации за гостите можел да биде добиен преку лозинките на двајца соработници кои работат во објектите на франшизата… Во моментов компанијата смета дека (…) тоа се однесувало на информациите за околу 5,2 милиони клиенти“, се вели во соопштението за јавноста.

Конкретно, станува збор за имињата и презимињата, податоците за контактите, датумите на раѓање, информации за состојбата на сметките во рамките на програмата за лојалност и преференции. Компанијата верува дека сомнителната активност започнала во јануари годинава. Акаунтите, преку кои бил добиен пристапот, се веќе блокирани и се води внатрешна истрага.

„Компанијата во овој момент не верува дека вкупните трошоци, произлезени од овој инцидент, ќе бидат значителни“, се вели уште во сооштението.

Во декември 2018 година „Marriott International“ информираше за сличен кибернетички напад. Тогаш постоеја сомневања за истекување на податоци за околу 500 милиони гости.

Компанијата „Marriott International“ е една од водечките компании за управување со хотелски синџири. Во сопственост на компанијата се наоѓаат над 6.500 хотели во 127 земји во светот. Последните објавени финансиски извештаи покажуваат дека компанијата во 2018 година остварила приход од 20,7 милијарди долари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.