Син на израелски министер убиен во битките во Газа

Синот на израелскиот министер и поранешен воен началник Гади Ајзенкот е убиен во борбите во Појасот Газа, изјави во четвртокот Бени Ганц, лидер на Партијата за национално единство.

Членовите на партијата Ајзенкот и Ганц, исто така поранешен армиски началник, ѝ се придружија на владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху набргу по смртоносниот напад на Хамас на 7-ми октомври, кој поттикна израелска воздушна, копнена и поморска офанзива во палестинскиот Појас Газа.

Израелската војска не даде прецизни детали за смртта на 25-годишниот Гал Меир Ајзенкот, освен што кажа дека тој бил убиен во борби во северниот дел на Појасот Газа.

„Заедно со целиот Израел ја испраќам мојата поддршка на Гади и на целото негово семејство и голема прегратка. Сите ние сме посветени да продолжиме да се бориме за светата кауза за која умре Гал“, истакна Ганц во изјавата.

Во пораката со сочувство, Нетанјаху рече дека му е скршено срце. Премиерот рече дека тој и неговата сопруга се скршени од срцето и дека Гал Ајзенкот е вистински херој. Нашите херои не паднаа залудно, ќе се бориме до победа“, рече Нетанјаху.

Шеесет итригодишниот Гади Ајзенкот е пензиониран генерал кој беше началник на Генералштабот на Израел од 2015 до 2019 година. Како претставник на Партијата за национално единство, тој е и член на вонредната влада на Нетанјаху формирана откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври.

Властите го информирале Ајзенкот за повредите на неговиот син додека бил во посета на јужната команда на израелските одбранбени сили (IDF). Голем број израелски владини претставници и застапници, исто така, испратија сочувство до семејството Ајзенкот.

Лидерот на опозицијата Јаир Лапид објави фотографија на Гал и Гади Ајзенкот прегрнати во воени униформи.

„Оваа фотографија. Оваа прегратка. Татко и син. И двајцата во униформа. Двајцата војници. И двајцата одговорија на повикот, беа таму кога беше потребно, направија се што треба. Судбината на целата нација е во една прегратка”, напишаa од партијата Лапид на социјалните мрежи.

Израел вети дека ќе ја уништи палестинската исламистичка милитантна група Хамас, откако нејзините борци убиле 1.200 луѓе во Израел и одвлекле уште 240 назад во Газа како заложници, според израелските податоци. Повеќе од 17.000 Палестинци се убиени во Газа од 7-ми октомври, според тамошното Министерство за здравство, а околу 1,9 милиони луѓе, 85 отсто од населението, се раселени.