Синдикатот на дипломатите бара намалување на присуството на работа и преминување на систем на дежурства поради коронавирусот

Македонскиот дипломатски синдикат (МДС) преку соопштение во четвртокот повторно го повика раководството на Министерството за надворешни работи (МНР), како што наведуваат, да се придржува до Законот за административни службеници и кон прописите за заштита од болест, безбедност и здравје при работа.

„Во време кога вработените во МНР вложуваат големи напори да им се помогне на нашите граѓани ширум светот, раководството за жал и натаму не ги увидува сериозноста на ситуацијата и ризиците од епидемија по самите вработени. Голем број наши колеги секое утро патува на работа во Скопје од други градови во земјата со средства за јавен превоз. Во тнр. „океански систем“ на работа по 5-6 колеги работат групирани во исти канцеларии. Ваквото групирање е сосема во спротивност со прокламираните мерки за јавно здравје и прогласената вонредна состојба и може да придонесе за вивнување на епидемијата“, наведуваат од синдикатот.

Имајќи ја предвид нагорната линија на ширењето на Коронавирусот, укажуваме, посочуваат, на неопходната потреба од приоретизирано редуцирање на присуството на работа и фокусирање на силите онаму каде што тоа сега е најпотребно.

„МДС бара најитно, по можност од утре, драстично намалување на присуството на работа, како и преминување на систем на дежурства и ротирање на вработените, со крајна цел заштита на здравјето на вработените. Како на оние што секојдневно патуваат на работа, така и на останатите колеги кои заедно со нив го поминуваат времето на работа. Нивните фамилии, како и сите останати, имаат мали деца, внуци, возрасни родители и други ранливи категории кои со ова би можеле да бидат загрозени.Здравјето е една од најголемите вредности на нашето општество и здравјето на вработените и нивните фамилии треба да биде приоритет за Министерството, посочуваат од МДС, а, доколку раководството на МНР се оглуши на нивните барања, ќе го сметаат за непосредно одговорно во случај на идно загрозување на здравјето и животите на вработените.