Синдикат на „Еуроникел” до власта: Нема да дозволиме фабриката по 40 години да згасне како старо железо

Нема да дозволиме фабриката по 40 години да згасне како старо железо, се вели во отвореното писмо, кое денеска го испратија од синдикалната организација на „Еуроникел индустри”, до премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Фатмир Битиќи, Сања Лукаревска, директор на Управа за јавни приходи и до Митко Јанчев, градоначалник на Општина Кавадарци.

– Седми ден откако стоиме надвор на патот и бараме да ги исполните вашите законски обврски, да го вратите ДДВ-то за месец август чие плаќање го доцните повеќе од месец дена, а сега веќе и септемвриското ДДВ стигна за враќање. Ние веќе немаме здраствено осигурување. Наши колеги не можат да си препишат редовна терапија, операции на наши деца не можат да се извршат заради немање здраствено осигурување, наши колешки не можат да го остварат правото на породилно отсуство, се вели во писмото испратено и до медиумите.

Оттаму информираат дека денеска повторно ќе бидат на блокада на патот Градско-Прилеп.

– Но следната недела ќе дојдеме во Скопје пред Влада, можеби тогаш ќе го слушнете нашиот глас. Ние нема да се откажеме, тоа се наши пати, наша егзистенција. Нема да се откажеме од нашата фабрика, работеше 40 години и натаму ќе работи, порачуваат тие.

Од Синдикатот нагласуваат дека не бараат милостина.

– Бараме да се исплати ДДВ-то што и се должи на фирмата и што сте должни по закон да го исплатите, за да може вработените да земат плата, да добијат здраствено осигурување. Покажете доблест и грижа за нас, вашите граѓани. Ние сме ваша одговорност како граѓани, не разбираме која е целта и намерата за намерно држење на средства кои за нас се единствен извор на егзистенција. Со години го полневме државниот буџет, не заслужуваме ваков однос. Не бидете
слепи, глуви и неми на нашите барања, порачуваат од Синдикатот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.