Синдикат на вработени во Филхармонија: Не е прв пат Костадиновска Стојчевска да застане против работниците во културата

Вработените во Македонска филхармонија остро регираат на вчерашната изјава на министерката Бисера Костадиновска Стојчевска која преку својот коментар во медиумите се обиде да ја оспори петицијата потпишана од 100 вработени во институција за смена на в.д.директорот Даниел Лазаровски поради незаконско работење, закани и мобинг. Ова не е првпат министерката за култура да застане против вработените во Филхармонија, истото го стори и минатата година со Џез оркестарот, кога сакаше да го смести во објектот изграден наменски за потребите на нашата институција. И сега, повторно сака да ја изманипулира јавноста дека станува збор за сценарио, дека потписите биле фалсификувани и дека петицијата за смена на в.д. директорот е нелегитимна форма на официјална колективна молба.

„Почитувана министерке, вработените во Филхармонија не очекуваа поинаков став од вас и во оваа битка која допрва ќе ја биеме, доколку не биде сменет актуелниот в.д. директор на нашата институција. Петицијата за негова смена ја доставивме на вистинската адреса – директорите на нашата институција ги именува и назначува токму вашето ресорно министерство, кое го назначи и Даниел Лазаровски. Минатата година кога се боревме да си го зачуваме нашиот работен простор, не можевме глава да кренеме од инспекции кои секојдневно беа испраќани од ваша страна, со една единствена цел – смена на тогашната директорка и назначување на послушник кој ќе работи на реализација на вашата агенда. Исто како и тогаш и сега може да испратите инспекции и да утврдите дека нашите укажувања за незаконска работа на Лазаровски се точни. Наместо да работите против најстарата институција во државата, сега е вистинско време да покажете на дело дека имате доблест да си ги признаете грешките, бидејќи токму вие, во септември, минатата година го назначивте сегашниот в.д. директор на нашата институција. Сега имате шанса да ја исправите грешката и да назначите раководител кој ќе работи за институцијата, а не против неа и против вработените. Да покажете дека водите сметка за бастионите на културата, за најстарата институција од културата – Македонска филхармонија. Министерството за култура во овие моменти, наместо да ја минимизира сериозноста на проблемот, треба да се соочи и да го прифати фактот дека Даниел Лазаровски наместо да се занимава со промоција на Филхармонија во годината кога се прославува 80 годишен јубилеј и креирање на соодветна програма за прославата, работи на уништување на меѓучовечките односи, целосно девастирање на инфраструктурата во Македонска филхармонија и рушење на нејзиниот углед и реноме во домашни и во меѓународни рамки. Очекуваме да го испочитувате ставот на 100 од вкупно 125 вработени во институцијата и да ги преземете сите чекори за разрешување на актуелниот в.д. директор на Македонска филхармонија.

Со почит,

СО Македонска филхармонија при СКРМ

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.