Синдикатите реагираат: Новите владини уредби може да доведат до нови десетици илјади невработени

Синдикати и здруженија на граѓани кои се залагаат за правата на работниците во заедничка реакција се спротиставуваат на изјавата на министерката за финансии Нина Ангеловска за олабавување на условите за задржување на бројот на вработени при користење на мерката за субвенции на плати за стопанството.

Доколку ова се реализира, тоа ќе значи десетици илјади нови невработени во пресрет на очекуваната економска криза и десетици илјади семејства во сиромаштија. Срамно е Влада која се нарекува социјалдемократска и која треба да се грижи пред сè за сиромашните и работниците да најавува вакви мерки, особено на два дена пред Први мај, Меѓународниот ден на трудот, што го сметаме за непочитување на овој празник и за навреда на работничките и работниците. Не смее да се заборави дека средствата од кои се финансираат овие мерки доаѓаат од даночните обврзници, односно се пари на сите граѓани на оваа држава, па затоа треба да се трошат за доброто на сите, а не само за доброто на одредени групи моќници, се вели во заедничката реакција.

Бараат одговорност од министерката за финансии и веднаш да запре процесот на измена и дополнување на Уредбата за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза во насока на давање на можност на работодавачите кои користат финансиска помош од државата, да отпуштаат вработени.

Синдикатите и здруженијата на граѓани бараат да бидат консултирани при подготовката на мерки кои се поврзани со работниците и ниту една ваква одлука да не помине без нивна согласност.

Во заедничката реакција се потпишани Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ, Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Независниот академски синдикат (НАкС), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), Хелсиншкиот комитет за човекови права, здружението на граѓани „Гласен Текстилец“, левичарското движење „Солидарност“, ЈАДРО – Асоцијацијата на независната културна сцена, здружението на граѓани „Прес ту Егзит“ Скопје и асоцијацијата Контрапункт. 

Проширените мерки за помош на стопанството, со кои денеска се пофали Владата, ќе удрат врз грбот на работниците и наместо да се заштитат работните места, надлежните го укинаа условот со кој работодавците беа обврзани да ги задржат сите вработени до крајот на јули. Сега фирмите можат ем да ги користат мерките, ем да отпуштаат работници. Микро и малите компании со најмногу 50 вработени ќе може да отпуштат 15 отсто од вработените, оние до 250 вработени – 10 отсто, а големите компании 5 отсто од вработените, објави телевизија Алфа.

„Мораме да бидеме реални и да кажеме дека ќе има и такви кои ќе ја загубат работата, ќе има и такви на кои платите и приходите ќе им бидат помали, важно е дека се трудиме системот да ги адресира сите“, рече  министерката за финансии Нина Ангеловска.

Најпогодените сектори, туризам, угостителство и транспорт ќе можат да користат две мерки. Новата уредба предвидува тие да добијат и минимална плата од 14.500 денари и 50 отсто за плаќање на придонесите или најмногу до 5000 денари по втората стафка. Со ова, работодавачите од овие сектори ќе може да добијат најмногу до 19.500 денари по вработен.

Фирмите кои ќе прикажат добивка за тековната година ќе имаат обврска да и ги вратат парите на државата. Оваа уредба на Власта, тогаш беше најкритикувана во јавноста. Сега надлежните смируваат – наместо да се вратат во буџетот, парите ќе може да се користат како грант за набавка на нова опрема, инвестирање во нови технологии или зајакнување на човечкиот капитал.

Сепак, токму оваа мерка за враќање на државната помош ги исплаши малите компании и самостојните вршители на дејност, кои стравуваат да аплицираат за мерките на Владата.

Инаку, сите кои ќе сакаат да аплицираат за државната помош ќе треба тоа да го сторат најдоцна до 7-ми мај.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.