Синдикатот на дипломатите остро го критикува МНР за процеси во предизборен период

Македонскиот дипломатски синдикат (МДС) упати најостра критика до раководството на Министерството за надворешни работи за спроведената изборна постапка за упатување дипломати на работа во дипломатско-конзуларни претставништва и предупредува дека трите процеси коишто упорно се туркаат во предизборниот период треба да запрат и да продолжат по парламентарните избори.

И покрај бројните укажувања на Синдикатот за воспоставување практика ваквите упатувања да се вршат во соодветен период, вчера, на само една недела пред формирањето на техничката Влада, беше извршен избор на 18 дипломати и 2 административци. Покрај сомневања дека упатувања во предизборен период се лесно подложни на политизација, Синдикатот е на мислење дека ваквата постапка е крајно непринципиелна, имајќи предвид дека пред само две години, во слична ситуација, со обратно поставени улоги, беше стопирано упатувањето во странство на веќе избрани дваесетина дипломати, велат од Македонскиот дипломатски синдикат

Од таму бараат и воспоставување постојани прописи коишто ќе ја оневозможат практиката на примена на двојни аршини при именувањето и поставувањето дипломати.

„За добро на македонската дипломатија, крајно е време да се престане со пракса на двојни аршини и да се воспостават постојани правила на игра, без оглед на актуелната политичка конјуктура. Македонскиот дипломатски синдикат ја критикува постапката за упатување и од формално-технички аспект, бидејќи раководството на МНР не одговори позитивно на барањето за учество и не дозволи наш претставник да учествува во изборот како член на Изборната комисија. Со ова нашите сомневања уште повеќе се поткрепија. Уште еднаш укажуваме дека трите процеса што упорно се туркаат во предизборниот период во МНР – донесување нов Закон за надворешни работи, упатување дипломати и упатување амбасадори – треба да запрат и да продолжат по парламентарните избори“, додаваат до синдикатот на дипломатите