Синдикатот на културата е против предложените ковид-мерки на Комисијата за заразни болести

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) денеска соопшти дека се спротивставува на предложените мерки од Комисијата за заразни болести за вработените во јавниот сектор, кои при одење на работно место ќе треба да прикажуваат потврда за примена најмалку една вакцина или негативен ПЦР тест направен на сопствен трошок.

Како понудена варијанта на вакцинирањето, од Синдикатот сметаат дека е неприфатливо трошокот на ПЦР-тестирањето условено да паѓа на трошок на вработените, особено, како што велат, поради фактот дека платите во културата кај поголемиот број вработени, се движат во рамките под просекот, а тоа би значело директен удар врз финасиската состојба на вработените.

-Како Синдикат кој се грижи за здравјето на своите вработени, ние не сме против вакцинирање. Тоа го покажавме уште на 5 март оваа година со дописот до нашето ресорно Министерство и Министерството за здравство, кога реагиравме и побаравме вработените во културата да бидат ставени на приоритетна листа за вакцинација, со што сметавме дека ќе се овозможи нормализирање на работата на институциите од културата, наведуваат од Синдикатот.

Сепак, сметаат дека вакцинирањето треба да биде личен избор. Како што посочуваат, препорака и сугестија за вакцинирање мора да има, но без условување и не по секоја цена.

Од Синдикатот велат дека Уставот гарантира слобода на избор и недискриминација по било кој основ, слобода на право на избор, како и право на работа и соодветна заработувачка. Потенцираат дека условувањето за остварување на работниот процес, преку барање на сертификат или негативен пцр-тест, директно се коси со Уставот.

По тој основ, СКРМ очекува овие мерки од страна на Владата да бидат повлечени или корегирани и дека Владата ќе донесе мерки кои нема да се дискриминаторски и ќе се однесуваат на сите граѓани на државата. Во спротивно, СКРМ соопшти дека ќе ги искористи сите механизми за правна заштита на своите членови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.