Синдикатот на УКИМ на предупредувачки протест за повисоки плати, Шаќири вели од септември

Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј’ ги повика вработените, наставниот и ненаставниот кадар на УКИМ, денеска со предупредувачки протест пред Ректоратот да изразат незадоволство зашто не им се зголемени платите и не е потпишан Колективниот договор. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на нивната најава за протест одговори дека пари за повисоки плати се предвидени од септември и апелираше да не се наруши јунската испитна сесија.

– Заеднички да го изразиме револтот и незадоволството од игнорантскиот однос на надлежните органи кон Универзитетот и непотпишување на Колективниот договор на УКИМ за остварување на нашите барања за покачување на платите, се вели во соопштението на Сојузот на синдикати на Скопскиот универзитет, кој предлогот за мирен протест го усвоил на седница одржана на 27 мај.

Мнистерот Шаќири повика протестот да биде предупредување, а не закана за јунската испитна сесија и да не им се наштети на студентите. Зголемување на платите во високото образование, рече тој, ќе има од септември и дека тоа е предвидено со ребаланс на буџетот.

– Во ребалансот на буџетот, и од претходната министерка има почнато постапка, предвидени се средства за повисоки плати и во високото образование. Тие најавија дека ќе имаат мирен протест првиот ден, потоа очекувам, идната недела, да имаме состанок за да видиме пред јунската сесија да немаат последици студентите и да има разбирање за овој процес, рече Шаќири вчера на настан во ОУ „26 Јули“ во Шуто Оризари.

Тој нагласи дека е отворен за соработка и исто како што имаше социјален дијалог за основно и за средно образование, очекува така да биде и со репрезентативниот синдикат за високото образование.

Според Шаќири, треба да се разговара за начините на финансирање, посочувајќи дека тие се различни на високообразовните институции и дека ако добро се организираат буџетите може, како што рече, да се постигне поголем успех.

На прашањето што доколку протестот во високото образование прерасне во штрајк или бојкот на јунската сесија за полагање на испитите, Шаќири одговори дека како и за штрајкот во училиштата, е против закани за прекин на наставата.

– И ова не го гледам како добра постапка на Синдикатот затоа што никогаш, ни од мене, ниту од Владата, не е кажано дека нема да има разговори и прекин на разговори и дека нема да имаат подобри услови. И во преговорите со СОНК баравме разбирање заради некои економски показатели кои не беа и не зависеа само од образованието, туку и од економските движења кои не се само во нашата земја, туку и во регионот и подалеку. Така што, ако ова се закани, нека бидат предупредување, нека се реализира испитната сесија, апелираше Шаќири.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.