Синдикатот на УПОЗ бара од Дескоска и Здравев ангажирање за надминување на проблемите во судството

Синдикатот на УПОЗ денеска испрати писмо до министерката за правда во кое бара таа да се заложи и да помогне во надминување на проблемите во судството кои се причина за незадоволство и штрајкови.

Од УПОЗ потсетуваат дека бараат враќање на парите од штрајкот во 2016 година, итна измена на Законот за судска служба со која поинаку ќе се определи позицијата на судската служба и учество на нивни претставник во Судскиот буџетски совет и во Советот на судска служба.

– Сметаме дека само на тој начин и со Ваша поддршка, која досега ја имавме, можеме да сметаме дека незадоволствата, протестите и штрајковите во судовите треба да бидат минато, се вели во писмото.

Синдикатот се согласува со констатацијата на министерката дека има пропусти во работењето на судовите, застарени предмети и корупција, но прашува дали за ваквите состојби е виновна судската администрација.

– Дали постои законска, но и реална можност вработен во судската служба, да му влијае на судијата да закаже предмет во законски рок? Може ли судски службеник да спречи да се корумпира одреден судија? Сепак контролата е во рацете на Судскиот совет. Наместо да имаме соодветен третман како и судиите, кои се до толку незаинтересирани, што тешко сфаќаат дека и вработените во судската служба се дел од тимот, кој им е неопходен за успешно да ја завршат работата. Затоа имајте повеќе доверба во судската служба, и тие можат како и досега да ги детектираат проблемите во судството и да помогнат во пронаоѓањето на најдобрите механизми за нивно отстранување за да се постигне крајната цел, подобро судство, наведува УПОЗ во писмото.

Синдикатот на УПОЗ испрати писмо и до претседателот на Судскиот буџетски совет Киро Здравев во кое бара во најбрз можен рок да се разговара за сите отворени прашања и да бидат поканети на првата наредна седница на Советот.

Судската администрација организирана од страна на Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација на 15 овој месец протестираше пред судовите незадоволна од одлуките за нерамномерна распределба на додатоците на плата и нееднаквиот третман. По ова, реагираше министерката за правда Рената Дескоска која ги повика вработените во судовите да протестираат и за застарените предмети и криминалот во сопствените редови.

–  Жално е што не слушнавме став од сферата на судството за прашањата заради кои судството е со најниска доверба меѓу граѓаните. Очекувавме реакција и од судиите и од претседателите на судовите и од судската администрација за случаите за застарување на гонење во одредени судски постапки заради што криминалот останува неказнет. Очекуваме реакција и од судиите и од судската администрација за одредени сомневања за криминални дејства во нивните редови за кои не видовме кривично гонење и кривични постапки. На пример, видеоклипот што го виде целата јавност и се споделуваше на социјалните мрежи во кои се тргува со судски предмети од страна на вработен во судската администрација, изјави министерката Дескоска на прес-конференција во петокот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.