Синдикатот вели полицијата нема униформи, МВР демантира

Независниот синдикат на полицијата денеска повторно се пожали дека полициските службеници немаат добиено униформи, а од МВР демантираат дека не се набавуваат нови

Претседателот на синдикатот Гоце Делчев Тодев во изјава за медиумите дадена пред Министерството за внатрешни работи рече дека полициските службеници сами се снаоѓаат и шијат или купуваат униформи од дивите пазари. Најави дека од денес полициските службеници ќе носат елеци со соодветен амблем.

МВР, пак, категорично ги отфрла како неточни тврдењата околу наводното неспроведување на активностите за набавување на нова опрема за полициските службеници.

Точно е дека претходното раководство на МВР десет години не набавувало униформи, но веднаш по доаѓањето на новото раководство беа преземени мерки за решавање на овој проблем, велат од МВР.

Во соопштението се наведува дека со Планот за јавни набавки на МВР, за 2018 година предвидени се вкупно 18 постапки за набавка на униформа и делови на униформа, кои Одделот за општи и заеднички работи при МВР ги има започнато согласно процедурите за набавка соодветно на видот на постапките.

Во изминатиот период беше извршена набавка на комплет униформа за припадници на ЕСЗ за урбани средини, како и комплет униформа за рурални средини; ремени за сите полицајци, комплет униформа за воздухопловниот персонал. Исто така потпишани се договори за набавка на зимска опрема (панталони, здолништа, кожни ракавици, како и наменски ракавици за сообраќајната полиција и слично) што ќе биде испорачана до крајот на овој месец, како и дел од опрема (џемпери), наведува МВР.

Натаму се додава дека постапките за набавка на високи специјални чизми и маици за припадници на МВР се во тек и треба да завршат до крајот на годината.

Од Синдикатот денеска му дадоа јавна поддршка на министерот за внатрешни работи, кој обелодени дека во МВР се откриени 40 лица кои биле вработени со фалсификувани дипломи и побараа од него вработување на соодветни кадри.