Синер му помогна на Ноле: Не размислував што тоа му значи на Ѓоковиќ – само сакав да го победам Руне!

Италијанскиот тенисер, Јаник Синер, не подлегна на еуфоријата по неодамнешната голема победа над Новак Ѓоковиќ, го издржа притисокот и ноќеска го совлада Данецот Холгер Руне (6-2, 5-7, 6-4) за прво место во „Зелената група“ на завршниот мастерс во Торино.

Со првиот триумф во дуелите со данскиот тенисер, Синер му помогна и на Ѓоковиќ „повлекувајќи“ го во полуфиналето на турнирот. Италијанецот, сепак, призна дека воопшто не размислувал за тоа и дека единствена мотивација му била желбата за прв успех над Руне.

„Почувствував мала болка во грбот во вториот сет, нешто како клик по едно движење, но брзо ми помина. Се е во ред со моето тело. Важно ми беше да се ресетирам по победата над Новак, да се борам од старт, бидејќи досега го немав победено Холгер. На крајот сервирав многу подобро од вториот сет, ова е позитивна победа. Воопшто не размислував на калкулациите и опциите за другите тенисери – мислев само на себе си“, изјави Синер.

Италијанскиот тенисер повторно ја спомена големата поддршка од трибините.

„Тоа е посебно чувство и привилегија. Истовремено и мал позитивен притисок. Ми се допаѓа да сум во таква ситуација и мислам дека досега добро се справував со сè. Толпата ми дава многу сила, особено кога се мачам малку на теренот“, дополни Италијанецот.

Синер и Ѓоковиќ противниците во полуфиналето на завршниот мастерс во Торино ќе ги дознаат денеска, за кога е закажана разрешницата во „Црвената група“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.