Сингапур изрече смртна пресуда користејќи ја платформата Zoom

Суд во Сингапур му изрече смртна пресуда на маж кого го прогласил за виновен за трговија со дрога, а тоа е веќе втор случај во кој пресудата е изречена „на далечина“ односно преку платформата Zoom, којашто стана популарна во текот на пандемијата на коронавирусот.

Од судските документи, како што пренесуваат локалните медиуми, произлегува дека Пинитан Генасан, 37-годишниот Малезиец, во петокот бил прогласен виновен и осуден на смрт со бесење бидејќи во 2011 година организирал продажба на хероин.

Пресудата е изречена во периодот додека во Сингапур на сила е строгите ограничувачки мерки за да се спречи ширењето на новиот коронавирус.

„Поради безбедноста во судскиот процес, рочиштето е одржано со посредство на видео-конференција“, изјавил за Reuters портпаролот на сингапурскиот Врховен суд. „Воедно, ова е првиот случај во кој на далечина е изречена смртна казна“, додал портпаролот.

Адвокатот на осудениот Малезиец, Петер Фернандо, изјави дека не се противел на изрекувањето на пресудата за неговиот клиент на платформата Zoom. Додал дека можело јасно да се слушне додека судијата зборува, а во прашање е изрекувањето казна при што немало простор за изнесување нови правни аргументи. Додал дека, сепак, неговиот клиент ја разгледува можноста за поднесување жалба на пресудата.

Тимот од Калифорнија кој ја осмисли Zoom платформата не одговорил на барањето на Reuters за коментар, а коментар немале ниту во канцеларијата на обвинителот.

Групите кои се занимаваат со човекови права го критикуваат изрекувањето на казни преку видео-конференции, вклучително и еден случај во Нигерија претходно во мај, каде на ист ваков начин исто така е изречена смртна пресуда.

Многу судови во Сингапур од 1-ви април ги одложија судењата поради рестриктивните мерки чијашто цел е да се спречи ширењето на епидемијата, а таквите одложувања остануваат на сила до 1-ви јуни, освен за најважните случаи каде што пак процесите се одвиваат „на далечина“.

Сингапур спроведува нулта толеранција за трговијата со дроги, а во текот на изминатите децении поради тоа на смрт се осудени стотици лица, меѓу кои десетици се странски државјани.

„Примената на смртна казна во Сингапур самата посебе е свирепа и нехумана, а користењето на технологиите ‘на далечина’ како што е Zoom за човек да биде осуден на смрт ја прави уште посвирепа и понехумана“, изјави директорот на Human Rights Watch за Азија, Фил Робертсон.

Советничката на другата голема меѓународна организација за човекови права Amnesty International, Кјара Санџорџо изјавила дека смртната казна е доволно свирепа и нехумана, без разлика дали таа е изречена преку Zoom или на лице коешто е во затвор.

„Овој случај е уште еден потсетник дека Сингапур продолжува да им пркоси на меѓународното право и стандардите за изрекување смртни пресуди за трговијата со дроги“, рекла Санџорџо.