Сириската армија го заземала последното упориште на ИД на југот

Сириската армија воспоставила целосна контрола над последното упориште на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава (ИД) во областа на вулканското плато ал-Сафа, на југот од земјата, пренесува сириската државна телевизија повикувајќи се на воени извори.

Во прилогот се наведува дека во текот на операцијата на владините сили биле ликвидирани „голем број“ џихадистички терористи. „Продолжува чистењето на ослободената територија од заостанатите џепови на милитантите на Исламската држава“, го цитира телевизијата својот соговорник.

Официјалната сириска новинска агенција SANA, повикувајќи се на воени извори, истакнува дека меѓу ликвидираните милитанти бил еден од командантите на Исламската држава, познат по прекарот Аби Хаџир ал-Шишани.

Претходно кон крајот на октомври годинава терористите на Исламската држава како „жив штит“ во заложништво земале група локални жители во истата област. Последната група заложници беше ослободена на 8-ми ноември, во текот на заедничката операција на сириските владини сили и руските единици присутни на теренот.

Сириската армија сега го контролира целиот регион, откако борците на Исламската држава беа потиснати кон истокот.

Според Рахман Абделрахман, директорот на опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон, меѓу 700 и 1.000 џихадистички борци се повлекле во Бадуја во пустината. Според организацијата во судирите од крајот на јули, загунале 245 борци на силите кои ја поддржуваат владата во Дамаск, како и 425 џихадисти.

Најмалку 43 лица, од кои 36 членови на семејствата на борци на Исламската држава се убиени во саботата во нападите кои се припушуваат на коалицијата предводена од САД на истокот од Сирија, додаваат од SOHR. Оваа меѓународна коалиција ги поддржува Сисриските демократски сили (FDS) курдско-арапска коалиција. Коалицијата потврди дека во саботата изведувала воздушни напади во областа Абу ал-Хосн, но негира дека гаѓала цивилни цели.