Сириската армија влезе во Манбиџ

Сириската армија влезе во градот Манбиџ, во близина на турската граница, во рамките на операцијата за враќање на контролата над териториите кои ги држеа милитантите поддржувани од САД, првпат по долги години, изјави портпаролот на владините сили во петокот.

Влегувањето на армијата дошло откако жителите на градот побарале од сириската влада да ја преземе управата над Манбиџ, откако американскиот претрседател Доналд Трамп објави минатата седмица дека донел одлука да ги повлече американските војници од Сирија.

„Борците на сириската арапска армија влегоа во Манбиџ како одговор на повикот на населението, како и во согласност со нивната задача за враќање на државниот суверенитет на целата територија на земјата“, се вели во соопштението коешто го цитира сириската службена новинска агенција SANA.

Меѓутоа, истовремено и вооружените сили на сириската опозиција, кои се поддржани од Турција, објавија подготвеност да започна напредување кон Манбиџ, пренесе телевизијата Al-Hadath. Според нејзините информации, опозицискиет борци напредувале кон линијата на фронтот, за да „демонстрираат решителност да започнат воена операција“.

Сириската армија од своја страна соопшти и дека ќе гарантира „целосна безбедност на сите сириски граѓани и на другите кои се наоѓаат во оваа област“.

Русија, којашто од крајот на 2016 година се вклучи во сирискиот конфликт доведувајќи до пресврт во војната започната во март 2011 година во полза на нејзиниот сојузник претседателот Башар ал-Асад, преку портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го поздрави влегувањето во Манбиџ нарекувајќи го „позитивен тренд“.

„Се разбира, ова ќе помогне за стабилизирање на ситуацијата. Проширувањето на зоната под контрола на владините сили…. е без сомнение позитивен транд“, рече Песков/

Агенцијата SANA јавува дека армијата го развила националното сириско знаме над Манбиџ, кој е главно населен со сириски Курди. Се’ уште не е јасно дали американските војници, кои имаат база во овој град, останале во Манбиџ или се повлекле.

Градот беше под контрола на курдските Единици за заштита на народот (YPG), кои се поддржани од САД, кои Турција ги смета за огранок на забранетата Работничка партија на Курдистан (PPK). Турција, чиишто сили влегоа во областа во намерата да ја исчистат турско-сириската граница од контролата на курските сили ги поддржа бунтовнциите од Слободната сириска армија (FSA) и подготвуваше офанзива за заземање на Манбиџ, поради што беше можен судир со американските војници.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган претходно во декември навести дека наскоро ќе започне прекугранична операција против YPG. Од 2016 година Анкара покрена две слични воени операции во Сирија.