Сите ќе бидеме победници, само ако имаме фер и демократски избори, порача Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека само со одржување фер и демократски избори сите во земјава можат да бидат победници. Изборот, рече, е на граѓаните и тие ќе се одлучат за она што мислат дека е најдобро за нив, за нивната општина, за државата. Од носителите на функции во институциите кои се дел извршната власт побара да не ги злоупотребуваат државните ресурси за партиски цели.

– Денеска го потпишавме Кодексот за фер и демократски избори, бидејќи со избори кои се европски ќе победиме сите. Тоа е најважното затоа што сега нема назад. Неколку избори наназад во овие четири години имаме пример за фер и демократски избори и секои нови се се подобри и подобри. Законските решенија ги имаат во најголем дел имплементирано препораките на ОДИХР и ОБСЕ – рече премиерот Заев.

Тој истакна дека локалните избори се мошне важни, бидејќи, како што нагласи се бираат првите луѓе на општините и советници во Советите, а општините, според него, ќе стануваат се поважни во секојдневието на граѓаните.

– Тука се создава животот, во нивна надлежност се градинките, основните и средните училишта, институциите од областа на културата, комуналните претпријатија, хигиената, водата за пиење и затоа е многу важно да избереме она што е добро за сите нас – рече премиерот Заев во одговор на новинарско прашање.

Тој нагласи дека сите учесници во изборите треба да се заложат да имаме фер и демократски избори. Во тој контекст апелираше до сите носители на извршните функции кои се дел од извршната власт да го почитуваат законот, да не ги користат државните капацитети и потенцијали што се на сите граѓани, а во моментов некој располага со нив, затоа што, како што нагласи, тоа е казниво но и за да може да има фер натпревар и еднаквост на силите на сите кои учествуваат во кампањата.

Премиерот потенцираше дека поголемите партии треба да им отстапат простор на помалите, како и на независните, со цел и тие да бидат повидливи и полесно да допрат до граѓаните.

– Верувам дека ќе имаме успешни фер и демократски избори во кои ќе победат најдобрите – рече Заев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.