Сите го осудуваат дивеењето во МНТ, никој не презема одговорност

Осуди за однесувањето на навивачката група „Шверцери“ во петокот вечер во Македонскиот народен театар од сите страни, но никој не презема одговорност што групата добила дозвола да го прославува јубилејот во театарот.

Одговорноста се префрла од една институција на друга, а сите се оградуваат од улогата на организатор на настанот.

Премиерот Зоран Заев вели дека го осудува вандализот и додава дека му било кажано дека прославата на Денот на албанската азбука има два дела. На првиот дел присуствувал лично, а за вториот му било кажано дека е за млади па заминал.

Но, истовремено потврдува дека Владата дала дозвола за одржување на овој настан во МНТ.

„Ние донесовме одлука на влада, ако не се лажам, или многу често за вакви настани носиме одлука на Влада да ги дадеме термините за организација на одредена државна прослава. Овде беше државна прослава за 111 години од Денот на Албанската азбука, поделена во два дела. Едниот дел беше културна манифестација, а другиот дел испадна дека не бил баш културна манифестација“, рече Заев.

Директорката на МНТ, Симона Угриновски вели дека не знаела дека на настанот е предвидено присуство и одбележување на јубилејот на „Шверцери“. Вели кога забележала силно викање, качување на столчињата и уништување на дел од инвертарот во салата го повикала Артан Груби од ДУИ, кој таа го посочува како координатор на настанот.

„Кога започна дивеењето, јас му се јавив на Груби и го замолив тој, како авторитет, да апелира посетителите да се смират и да не прават штета. Неговиот одговор беше дека ти е само си пеат навивачки песни. Полицијата влезе внатре, но не интервенираше. Значи, тоа беше маса на народ, слично како на спортски натпревар. Околу објавите во одредени портали во кои се бара моја оставка, можам да кажам само дека јас не бегам од одговорност. Ако одговорноста е моја, ќе се соочам со неа“, вели Угриновска за ФОКУС.

Но, Груби отфрла било каква одговорност за организација на настанот. Тој во писмена изјава за медиумите вели дека дивеење било она што се случувало на 27-ми април во Собранието, а не однесувањето на навивачите во МНТ во петокот вечер.

„Сметам дека реакциите се апсурдни, лицемерни и преставуваат класична намерна политичка злоупотреба на настан во функција на предизборна пропаганда. Јас не сум организатор на настанот, но мора да истакнам дека театарот му припаѓа на народот, не е ВМРОовски, СДСМовски, па ниту ни на фелата, граден е со наши пари, не со парите на ВМРО, ниту на фелата и им припаѓа на граѓаните“, вели Груби.

Од ВМРО ДПМНЕ на одговорност ги повикаа министерот за култура, заменик министерот, националниот координатор за култура, како и советниците за култура на премиерот Заев. А, сметаат дека најважните одговорни за овој настан мора да ги даде директорката на МНТ.

„Директорот на МНТ мора да одговори како можел да дозволи изнајмување на театарот на навивачка група, и по кој основ е издаден театарот, колку е платено за неговото издавање и руинирање, и дали воопшто е платено? Како може да се издава театарот само со јавување на телефон, па нели има правилник и процедура за тоа, и на крај кој ќе сноси одговорност и кој ќе ја плати штетата? И зошто никој од обезбедувањето не реагира кога поединци почнаа да дивеат и да се качуваат по седиштата“, вели актерот Зоран Љутков на денешната прес конференција во ВМРО ДПМНЕ.

Но, засега никој не дава одговор кој го организирал настанот, кој им дозволил на „Шверцери“ да го слават својот јубилеј во установа која претставував највисок дом на културата во земјава и зошто не било преземано ништо за да се спречи уништувањето на театарот во чија што изградбата државата има инвестирано 40 милиони евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.