Сите против, а СДСМ спремни за избори

Во СДСМ се чини не само што се размислува за организирање на избори што е можно поскоро туку и веќе се поставени основите на тоа како би се спроведувале предизборните настани по коронакризата.

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски потсетува дека ставот на партијата е дека здравјето  на граѓаните е пред се’ и дека за избори подоцна ќе се зборува сепак државата мора полека да се движи кон новото нормално секојдневие кое ќе го промени и начинот на водење предизборна кампања. Николовски најавува дека кампањата која што претстои ќе биде согласно превентивните мерки со носење маски и држење дистанца.

„Во овој период се намалува бројот на новозаболени, а драстично се зголемува бројот на оздравени. Тоа го отвора прашањето за враќање во нормала во секојдневниот живот, тоа значи одење кон едно ново секојдневие, нова нормалност, но тоа не значи дека граѓаните треба да се опуштат во почитувањето на мерките. Факт е дека маските и дистанцата остануваат наше ново секојдневие при сите активности. Тоа значи и во контекст на изборниот процес кој се наметнува по справување со коронавирусот, односно маските и држењето дистанца, како и другите медицински протоколи. ќе бидат дел и од изборниот процес” порача Николовски.

Но ,во ВМРО ДПМНЕ велат во овој момент не треба да се размислува за избори .

„ВМРО-ДПМНЕ во ниту еден момент не размислува за избори во ваква една здравствена криза на пандемија, во време кога секојдневно броиме мртви од коронавирусот, односно во време кога Република Македонија има една од највисоките стапки на смртност. СДСМ по секоја цена сака да организира избори ете како што гледате се врши масовен поткуп од страна на нивните структури и блиски луѓе до семејството Заеви, се со цел за да може да се лови во матно“, вели портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Веќе извесно време наназад во јавноста се зборува дека власта се подготвува за брзи избори по завршување на вонредната состојба и дека токму тоа е една од причините поради кои пратеничката група на социјалдемократите поднесе иницијатива за свикување на Собранието.