Сите симболи на Велигден и како тој се прославува…

Православните верници во недела ќе го прослават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – празник на победата на животот над смртта. За разлика од православните Христијани, католиците Велигден го прославија минатата недела, со оглед на тоа дека се водиме според различни календари.

Христијаните генерално се водат според слични обичаи по повод празнувањето на најголемиот христијански празник.

Деновите пред Велигден се исполнети со покајување, прошка, пост и молитва. До Велика Среда во богослужбените текстови има поттик за плач на луѓето заради својата грешност, а од Велики Четврток започнува поинаков плач на верниците – плач од глетката на ужасните страдања, мачења и распнување на Христа Спасителот. Тогаш се измешани чувствата на плач и радост – плач за маките на Христа, а радост поради нашето спасение и благодарност кон Бога.

Во четврток, домаќинките, пред изгрејсонце бојадисуваат црвени јајца, со кои како што наложува обичајот кај православните верници, членовите од семејството се капат за здравје, среќа и берикет.

Црвената боја ја симболизира пролеаната крв на Исус за спасение на луѓето на земјата, а воедно претставува и победа, здравје, оптимизам и љубов. Постојат многу легенди кои објаснуваат кое е значењето на црвеното јајце и зошто токму тоа има најголема моќ. Според една од нив, кога Марија Магдалена го видела Исус по неговото воскреснување, таа со себе носела кошница со јајца за да им раздаде на другите жени. Во моментот кога го здогледала, тие се обоиле во совршена црвена боја.

Црвено јајце Според друга легенда, додека Исус бил распнат, во подножјето на крстот дошла кокошка и снесла јајце. Крвта која течела од телото на Исус го обоила јајцето во црвена боја. Затоа, првото јајце треба да биде во црвена боја за да ја симболизира Исусовата крв пролеана на крстот.

На Велики петок се поминува под „гробот на Исус“

Велики петок или уште нарекуван Распети петок е ден за духовно прочистување. На овој ден е распнат Исус Христос и поради тоа се смета за најтежок празник во годината. На Велики петок не се работи и се сочувствува со Божјиот Син. Многумина практикуваат строг пост, при што до зајдисонце не јадат ништо, а пијат само вода.

Во православните цркви на Велики петок се поставува специјално украсена маса, која е симбол на гробот на Исус. На неа се изнесува Плаштаницата – покривка на која е претставен ликот на нашиот Спасител како лежи во гробот.

На овој ден православните верници одат в црква со цвеќе и црвено јајце, кои ги оставаат на „гробот“, ја бакнуваат Плаштаницата, а потоа се наведнуваат и поминуваат под неа молејќи се за здравје, мир и благосостојба. Поминувањето под Плаштаницата ја симболизира смртта и воскреснувањето на Христос. Се смета дека оној кој минува под неа влегува како грешник, а излегува како нов човек, прочистен од старите гревови.

Велика сабота

Велика сабота е денот кога се прават последните подготовки за Велигден. Сите православни верници, традиционално, пред полноќ одат во црква, држејќи бојадисано јајце и запалена свеќа.

Точно на полноќ камбаните го означуваат доаѓањето на Велигден, денот во кој воскреснал Исус Христос. Кога ќе забијат камбаните, сите се поздравуваат со зборовите „Христос воскресна – Навистина воскресна“, потоа се кршат со јајца, се бакнуваат и си посакуваат здравје и среќа. По црковното пеење започнува причесната и верниците кои постеле се причестуваат.

Благодатен оган – најголемото чудо во православната црква

На Велика сабота верниците во големи групи се собираат во црквата на Светиот Гроб зошто на тој ден од небото се симнува Благодатен оган и го пали огнот во кандилата во оваа црква. Христијанското чудо на благодатниот оган во православните цркви е познато како најголемо чудо од сите христијански чуда. Тоа се случува секоја година, на ист начин, на исто место, во црквата на Светиот Гроб во Ерусалим, која за милиони верници претставува најсвето место, бидејќи веруваат дека на тоа место Господ воскреснал од мртвите.

Зошто догорените свеќи се носат дома?

Кај православните христијани постои обичај догорените свеќи од саботата вечерта да се однесат дома.

Првата свеќа ја палат свештениците од централното кандило, а потоа ги палат свеќите на останатите во црквата. Палењето на свеќите е симбол на распространувањето на Исусовата светлина која никогаш не гасне. Свеќата се носи дома и со неа се пали кандилото. На тој начин Исус влегува во домовите на луѓето.

Од старите останало и верувањето дека младите догорената свеќа треба да ја стават под перницата на која ќе спијат вечерта, а оној кого ќе сонуваат таа вечер ќе биде нивниот животен сопатник.

Велигден

Велигден е најважниот верски празник или Празник над празниците во православниот календар. На овој ден христијанските верници го прославуваат воскреснувањето на нивниот бог Исус Христос. Обично се оди на семеен ручек кај најстарите и празникот се празнува во домашен амбиент со богата трпеза.

Христијаните од католичка вероисповед празникот го прославија минатата недела.

Вапцаните јајца, козињакот и богатата трпеза која се носи во храмовите за Велигденската миса, се карактеристиките кои се пропратен дел од нивната традиција.

Католиците имаат обред според кој за среќа мора да каснат од благословените јајца кои претходно се носат на Велигденската миса. Веднаш по мисата следи вечера во домашен и празничен амбиент, збогатен со јагнешко месо и црвено вино. За ручек се спремаат њоки, паштицада, односно карактеристичен телешки сос, како и јагнешко месо.

Како кај православните, така и кај католиците на овој христијански празник му претходи четириесетдневен пост, кај католиците наречен „Коризма“. И католиците пред постот го слават празникот Прочка (Пепелница), за кој се врзани низа обичаи.

Кај католиците постои обичај каде луѓето ги чуваат новогодишните елки накитени се до Пепелница.

Во Славонија, помладите моми за време на коризмата (постот) по мисата се собирале околу црквените храмови и плачеле, а тоа се вика Госпин плач, однодно оплакување на маките и страдањето на Исус на крстот.

Додека траат постите кај католиците, секој ден на мисата се врши „Патот на крстот“, т.е се пеат песни и молитви пред иконите се до Велики Петок.

Врвот на целата прослава и сите обреди кои што се поврзани со Велгиден, е самата воскресна литургија.