Сите во битка со вирусот, градоначалникот на Новаци ќе троши 25 милиони за општинска зграда

Додека државата се бори со епидемијата на коронавирусот во ситуација на вонредна состојба градоначалникот на општина Новаци, Љубе Кузмановски ќе ја реновира општинската зграда за цена од 25 милиони денари.

Градоначалникот, инаку кадар на СДСМ, пред само три дена потпишал договор за реконструкција на зградата на општината со битолската фирма „Стентон“. Договорот во вредност од над 400 илјади евра е потпишан на 24-ти март дваестина дена по рокот за доставување на понудите по огласот што општината го објавила на 14-ти февруари годинава.

Избраната фирма ќе има рок од осум месеци во целост да ја реновира општинската зграда во Новаци. Покрај градежните работи со договорот се опфатени и набавки на фотелји и столици, бироа и плакари и опремување на кујна во вкупна вредност од околу два милиони денари.

Но, останува дилемата зошто во моменти кога покрај здравјето на граѓаните поради коронавирусот сериозно е загрозена и економијата и се најавуваат низа кратења како во тршењата на државните институции, така и на платите во сите сектори градоначалникот на Новаци го истерал до крај тендерот и го потпишал договорот со битолската фирма вреден 25 милиони денари.

Покрај ова, дека можеби се работи за нетолку итна потреба од реновирање на зградата говорат и фотографиите од актуелните општински простории на кои може да се забележи дека се во добра состојба и неодмна реновирани.

Во изминатите денови Владата е гласна во најавите дека сите непродуктивни и неопходни трошоци ќе биде скратени и дека сите средства ќе се насочат кон потребите на Министерството за здравство, внатрешни работи и одбрана кои се први во линијата за битка со коронавирусот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.