Сите вработени во Италија од денеска мора да поседуваат ковид потврда

Мерките според кои сите вработени во Италија мора да приложат зелена потврда, со која докажуваат дека се вакцинирани, дека го прележале коронавирусот или дека неодамна биле негативни, денеска стапија на сила. Со мерките се погодени околу 23 милиони работници во приватниот и во јавниот сектор.

Против контроверзната мерка беа организирани повеќе протести. Критичарите наведуваат дека мерката е удар нан личната слобода, додека поддржувачите тврдат дека мерката овозможува натамошно ублажување на мерките.

Полицијата пред една недела уапсила 12 луѓе, меѓу нив и двајца лидери на крајната десна партија, откако протестите против таа мерка се претвориле во судири со полицијата.

Нов протест во Рим е најавен за денеска, додека работниците на пристаништето во Трст планираат да го блокираат пристаништето. Според власта, кината, театрите и концертните сали ќе може да работат со полн капацитет ако сите посетители имаат зелена пропусница.

– За фирмите и вработените зелената потврда ја зголемува безбедноста на работното место и го гарантира производството – вели Маурицио Стирпе, потпретседател на здружението на работодавачи Конфииндустрија.

Компаниите, ако сите работници немаат зелена потврда, може да бидат казнети до 1.000 евра. Зелената потврда веќе е воведена во неколку други сектори во Италија, како што се образовниот и здравствениот. Вкупно 85 отсто Италијанци постари од 12 години примиле барем една доза вакцина.