Сите загинати патници се од Гостивар

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, соопшти во средата вечерта дека сите патници во автобусот кој попладнево падна во бездна на излезот од Скопје кај месноста Карпалак, а потоа се преврте, се од Гостивар.

Според последните информации 13 се загинати, седуммина биле починати на местото на несреќата, а другите починале подоцна на пат кон болница или по згрижување во болниците.

Меѓу повредените има најмалку четири лица во животно загрозувачка состојба.

Возачот на автобусот на компанијата „Дурмо Турс“ е во добра здравствена состојба, но е во шок. Се очекува тој да помогне во расветлување на причините за оваа трагедија. Поради расчистување на причините за несреќата надлежен јавен обвинител побарал да биде земено крв и урина од возачот и да се направи проверка на техничката состојба на автобусот.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје врши увид на лице место на тешката сообраќајна несреќа која се случи околу 17 часот на автопатот Скопје – Тетово кај селото Ласкарци.

Според првичните информации од увидот, несреќата се случила попладнево кога автобус на компанијата „Дурмо турс“ со гостиварски регистарски таблици преминал преку заштитната ограда на спротивна страна од автопатот, потоа излетал од патот и се превртел во близина на селото Ласкарци.

Во насока на утврдување на причините за несреќата,  јавниот обвинител ќе издаде наредби за обдукција на починатите лица, како и за вонреден технички преглед на возилото. Во текот на ноќта местото на несреќата ќе биде обезбедено, а увидот и извлекувањето на автобусот ќе продолжи во текот на утрешниот ден.

Возачот на автобусот е повреден и хоспитализиран, а од страна на надлежен јавен обвинител е издадена наредба за анализа на крв и урина.