Сити го доби дербито со Арсенал, „Мерсисајд“ дербито без победник

Во дербито од петтото коло на англиската фудбалска лига Манчестер Сити минимално славеше дома против Арсенал со 1:0, додека соочувањето на Евертон и актуелниот шампион Ливерпул заврши со реми 2:2, a Манчестер Јунајтед изненади на гости кај Њукасл со победата од 4:1.

Во просечниот натпревар одигран во Манчестер, тимот на Пеп Гвардиола славеше со погодокот на Рахим Стерлинг во 23 минута, кога во мрежата ја спроведе одбираната топка по шутот на Фоден.

Гвардиола на овој натпревар ја постави невообичаената за Сити формација 4-2-4, а Арсенал има неколку одлични шанси за погодок, но домашниот голман Едерсон бравурозно интервенираше на шутевите на Букајо Саке и Пјер-Емерик Обамејанг.

Манчестер Сити успеа привремено да дојде до 10-то место на табелата, со 7 бодови од четири натпревари, додека Арсенла е 5-ти со 9 бодови.

Во спектакуларното „Мерсисајд“ дерби меѓу Евертон и Ливерпул беше прикажан одличен фидбал, со четири погодоци, низа шанси и исклучувања. Евертон во мечот влезе како водечки со сите четири победи во досегашните четири кола, а за Ливерпул ова беше првиот дуел по шокантниот дебакл од 2:7 на гостувањето кај Астон Вила.

„Црвените“ двапати беа во водство преку Садио Мане во 3 и Мохамед Салах во 72 минута, но Евертон се враќаше со погодоците на Мајкл Кејн во 19 и на Доминик Калверт-Левин во 81 минута.

Во 90 минута напаѓачот на Евертон, Ричалисон заработи црвен картон поради груб старт врз Тиаго Алкантара, а две минути подоцна Хендерсон постигна погодок за ново водство на Ливерпул, но тој беше поништен по асистенција на ВАР-от поради милиметарската офсајд ситуација на Мане на почетокот од акцијата.

Евертон и натаму останува на врвот на Премиер лигата со 13 бодови а Ливерпул моментално е вторпласиран со 10 бодови.

Во Лондон, пак, Челзи не успеа да го совлада Саутемптон иако имаше два гола предност а го имаше и последното водство, но на крајот дуелот заврши со резултат 3:3. Интересно сите три погодока за Челзи ги постигнаа Германци.

Челзи поведе во 15 минута со голот на Тимо Вернер, кој во 28 минута го удвои водството. Но пред крајот на првиот дел, во 43 минута Дени Ингс искористи конфузија и трагикомична реакција на одбраната на лондонците за да намали на 1:2. Во вториот дел Саутемптон успеа да израмни во 57 минута, но по само две минути Челзи дојде во нова предност преку Каи Хаверц. Сепак, настојувањата на домашните повторно да постигнат убедливо водство не се остварија, а во втората минута од судиското продолжение Јаник Вестергард успеа да му донесе бод на Саутемптон.

Челзи моментално е на шестото место со осум бодови, додека Саутемптон со бод помалку привремено е на 11-то место на табелата.

Во последниот дуел од саботната програма Манчестер Јунајтед по лошиот стар на новото првенство кога во првите три кола двапати беше поразен, во финишот од мечот оствари убедлива победа на гостувањето кај Њукасл Јунајтед.

Домашните поведоа уште во втората минута со автоголот на Лук Шоу, но големата упорност на „Црвените ѓаволи“ која на крајот резултираше со двојно поголем посед на топката (64 наспроти 36 отсто) и четири пати повеќе шутеви кон противничкиот гол (28-7), доведе до големиот пресврт, иако и Њукасл имаше свои одлучни прилики да извојува поповолен резултат. Имено Хари Мегваер прво израмни во 23 минута, и кога се чинеше дека мечот ќе заврши без победник во 86 минута погоди Бруно Фернандеш а мечот го реши Арон Ван-Бисака во 90 минута, додека во долгото судиско продолжение на гостите им беше поништен погодок но сепак конечните 4:1 го постаавио Маркус Рашфорд во шестата минута од дополниетлното време.

Манчестер Јунајтед сега е само 14-ти со шест бодови, а Њукасл со бод повеќе е на 11-то место.