Сити го потопи Шалке во осминафиналето на ЛШ

Фудбалерите на Манчестер Сити неочекувано многу лесно се пласираа во четвртфиналето од Лигата на шампионите откако во реваншот на својот стадиот го совладаа германски Шалке дури со 7:0 (3:0), а во првиот натпревар во Гелзенкирхен, исто така, победија „Граѓаните“ со 3:2.

За само осум минути во првото полувреме Сити ппостигна три гола. Првата поголема можност ја имаше Серхио Агуеро, но неговиот шут од близина во 14 минута го запре стативата. Во 33 минута Врума го собори Бернардо Силва во шанса за гол а Агуеро со „паненка“ го реализираше ударот од белата куќа. Само три минути подоцна Аргентинецот го постигна и вториот гол а по одличното проигрување на Рахим Стерлинг, Агуеро од близина погоди низ нозете на голманот Фарман. Овој гол беше признаен дури по триминутната консултација со ВАР технологијата. Во 43 минута на 3:0 зголеми поранешниот играч на Шалке, Лерој Сане кој на додавање на Зинченко погоди откосо од левата страна.

Во 56 минута Стерлинг постигна погодок на додавање на Сане, но и овој погодок беше признаен по проверките со ВАР. Во 71 минута Сити го постигна и петтиот гол, повторно асистент беше Сане а стрелец беше Бернардо Силва. Во 78 минута катастрофата на Шалек ја потврди младиот Фил Фоден а во 85 минута ја запечати Габриел Жезус со приземен удар.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.