Сити новата сезона ја отвора со гостување кај Вест Хем

Англискиот фудбалски првак Манчестер Сити новата сезона 2019/2020 ќе ја започне со гостувањето кај Вест Хем Јунајтед, додека второпласираниот Ливерпул на својот „Енфилд“ ќе ги пречека новиот прволигаш Норич Сити.

Новата сезона во Премиер лигата започнува во петок на 9-ти август. Распоредот на натпреварите за новата сезона во англиското првенство го има интересниот дуел меѓу Манчестер Јунајтед и гостинскиот Челзи, кој сезоната ја заврши на третото место.

Тотенхем, кој првенството го заврши на четвртото место, ќе биде домаќин на Астон Вила, која во Премиер лигата се врати по три сезони преку баражот. Арсенал му гостува на Њукасл, додека уште еден нов прволигаш Шефилд Јунајтед сезоната ќе ја отвори во Борнмут. Лестер Сити го дочекува Вулверхемптон, Барнли пак Саутемптон, а Кристал Палас ќе биде домаќин на Евертон.

Новата сезона во Англија ќе биде првата во историјата која ќе има куса пауза на половината од првенството. Едно коло од шампионатот ќе се игра во текот на две седмици во февруари, што значи дека сите клубови ќе имаат по една седмица одмор. Новата сезона носи уште една новина, а тоа е воведување на ВАР-от.

Манчестер Сити има релативно лесен почетокот на првенството, иако во второто коло дома игра против Тотенхем кој го елиминираше во четврфиналето од Лигата на шампионите. Но по овој дуел, „Грѓаните“ патуваат во Борнмут, го пречекуваат Брајтон, потоа одат во Норич и на „Итихад“ го чекаат Вотфорд,

Ливепрул, кој се очекува и годинава да биде еден од главните конкуренти за титулата, има малку потежок распоред во првите шест кола. Има домашен натпревар со Арсенал и му гостува на Челзи.

Првиот дуел меѓу ривалите за титулата од минатата сезона, Манчестер Сити и Ливепрул, ќе се игра на 9-ти ноември. Тотенхем и Арсенал ќе го играат првото сезонско „дерби на северен Лондон“ на „Емирејтс“ на 31-ви август. Другите големи дуели во новата сезона ги вклучуваат гостувањето на Ливерпул кај Манчестер Јунајтед на 19-ти октомври, и првото дерби на Манчестер кое на распоредот е на 7-ми декември на „Итихад“.

Сезоната завршува на 17-ти мај кога Сити го пречекува Норич, Ливерпул гостува кај Њукасл, а Тотенхем кај Кристал Палас, дедека Челзи игра дома со Вулверхемптон.

Во Англија, која важи за земја во којашто можете да се обложите на речиси сѐ, веќе може да се ставаат облози кој ќе биде нов првак или кој ќе испадне во втората лига. Манчестер Сити е најголем фаворит за одбрана на титулата, а следат Ливерпул, Тотенхем, Челзи… На Шефилд Јунајтед, кој по 2007 година се враќа во Премиер лигата, му се даваат најголеми изгледи дека повторно ќе се врати во понизок ранг.