Сити подобар од Челзи, Брајтон го потопи Арсенал

Во дербито од 29-то коло на англиското фудбалско првенство Манчестер Сити го совлада Челзи со 1:0 и сега има 18 бодови предност пред вториот Ливерпул/.

Решавачкиот гол го постигна Бернардо Силва во 35-та секунда од второто полувреме, на асистенција на Давид Силва.

Победата на домашните можеше да биде и поубедливо изразена, додека гостите од Лондон имаа само две шанси. Во првото полувреме Челзи не упати ниту еден удар кон голот на домашните што не им се случило уште од 2003 година.

Интересно е што Манчестер Сити во текот на целиот натпревар имаше 902 додавања, што е нов рекорд во англискиот фудбал.

Во претходно одиграниот натпревар Брајтон енд Хоув Албион го победи Арсенал со 2:1. Ова беше четврти последователен пораз за „топчиите“, и пети пораз во последните шест дуели. Последен пат Брајтон го совладал Арсенал во далечната 1982 година. Потоа овие се имаа сретнато само уште четири пати, и во сите четири дуели подобар беше Арсенал.

Домашните поведоа во 7 минута со голот на Луис Данк, а во 26 минута Глен Мареј зголеми на 2:0. Во завршницата на првото полувреме Пјер-Емрик Обамејанг го намали резултатот и се чинеше дека Арсенал во вториот дел ќе направи пресврт. Меѓутоа, домашните успеаја да се одбранат и заслужено да ги освојат сите три бода со кои сега се на 10-то место на табелата со 34 бодови.

Манчестер Сити води на табелата со 78 бодови, Ливерпул е на второто место со 60 бодови, а трет е Манчестер Јунајтед со 59 бодови и меч помалку, а во понеделник му гостуваат на Кристал Палас. Тотенхем на четвртото место има 58 бодови, а потоа следат Челзи со 53 и Арсенал со 45 бодови.