Сити со победата во дербито му го презема врвот на Арсенал

Фудбалерите на Манчестер Сити го преземаа водството на табелата во англиското првенство, откако во средата вечерта во Лондон со 3:1 го совладаа досегашниот лидер во Премиер лигата, тимот на Арсенал.

Бранителот на титулата дојде во предност кон средината на првото полувреме кога во 24 минута Кевин Де Брујне ја искористи невнимателност и кусото враќање на топката кон домашниот голман од страна на Томијасу, ја пресече топката и веднаш со удар од прва го лобуваше Рамсдејл. На 1:1 израмни во 42 минута Бакајо Сака од пеналот кој го направи гостинскиот голман Емерсон соборувајќи го Нкетиа.

Во вториот дел сепак до израз поголемиот индивидуален квалитет кој е на страната на Сити, па новата предност за манчестерските „Граѓани“ ја донесе Џек Грилиш во 72 минута со прецизен удар од 15-ина метри по одличната комбинација на Халанд и Гундоган, а победата ја обезбеди токму Ерлин Халанд во 92 минута кога од пет метри ја искористи повратната топка од Де Брујне кого претходно повторно луцидно го проигра Гундоган.

Водечкиот Манчестер Сити сега има 51 бод како и второпласираниот Арсенал, но на чело на табелата е затоа што има многу подобра гол-разлика од „Топчиите“ кои имаат меч помалку. Трет е Манчестер Јунајтед кој заостанува зад двоецот за пет бодови.