Сити во одбрана на титулата тргнува од Вест Хем

Манчестер Сити ќе ја започне одбраната на титулата во англиското фудбалско првенство на гостувањето кај Вест Хем Јунајтед, додека сезоната втора година со ред ќе ја отвори лондонското дерби меѓу Кристал Палас и Арсенал.

Ливерпул, кој првенството го заврши на втората позиција, ќе гостува кај новиот прволигаш Фулам, а Нотингем Форест кој се врати во Премиер лигата по 23 години ќе игра на гости против Њукасл Јунајтед.

Челзи, кој во новата сезона влегува со нов сопственик по ерата на Роман Абрамович, првиот првенствен натпревар ќе го игра на гости кај Евертон.

Бонрмут, кој исто така е повратник во најелитното англиско фудбалско натпреварување, во првиот меч ќе ја пречека Астон Вила.

Манчестер Јунајтед со новиот тренер Ерик тен Хаф новата сезона ќе ја започне дома против Брајтон енд Хоув Албион, додека Тотенхем го пречекува Саутемптон.

Новата сезона во Премиер лигата започнува на 5-ти август, а завршува на 28-ми мај 2023 година.

Годинава првенството ќе биде прекинато на 12-ти ноември поради Светското првенство коешто ќе се одржи во Катар од 21-ви ноември до 21-ви декември. Сезоната ќе продолжи со Боксинг деј, односно на католички Божик.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.