СЈО бара конфискација на имот од Груевски и Протуѓер

Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова, во воведниот говор за случајот „Титаник“ побара обвинетите да бидат осудени но да има и конфискација на имот на дел од обвинетите .

За изборите во 2011 година таа побара конфискација на имот на Никола Груевски и Мартин Протуѓер во вредност од 34.908.777 денари или повеќе од половина милион евра што одговара на вредноста на незаконските средства прибрани за изборната кампања во таа година.

За изборите во 2013 година, Стефанова рече дека со обвинителниот акт се бара конфискација на имот во вредност од 41.435.100 денари или повеќе од 670 илјади евра од Никола Груевски, Илија Димовски и Леко Ристовски. За изборите во 2014 година, Стефанова бара од Груевски, Димовски и Ристовски да се конфискува имот  од 62.732.874 или повеќе од милион евра –  суми кои одговараат на незаконски прибраните средства за изборите кампањи.

Во главната расправа се изјаснија и обвинетите. Поранешниот премиер Никола Груевски рече дека го разбира обвинението, но дека не се чувствува виновен, со оглед на тоа што не сторил никакви кривични дела. И останатите обвинети, Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко рекоа дека не се чувствуваат виновни.

Пртеходно, Судскиот совет го одби барањето на одбраната за изземање на специјалната обвинителка Катица Јанева во предметот Титаник. Според судијата Осман Шабани, ваквото барање е недозволиво.

Адвокатот на Никола Груевски, Миланов побара Јанева да биде изземена поради сомневање во непристрасноста на јавните обвинители и наводна оштетеност на обвинителите од кривичните дела.

Според Миланов во повеќе наврати Специјалната обвинителка се произнесувала во однос на вина, казни и наводна огромна процентуалност на постоење докази обвинетите да се осудат. Со тоа се остава впечаток во јавноста на вина, а тоа е директно влегување во судските одлуки.

На барањето на одбраната на Груевски реагираше специјалната обвинителка Лиле Стефанова, која рече  дека со ова само се сака да се одолговлекува судењето. „Одбраната постојано дава предлози со цел да се купи ден, да се одолговлекува судењето. Во законот не постојат одредби за изземање на специјалниот јавен обвинител. И одбраната во предлогот кој го даде не можеше да каже кој треба да ја изземе Јанева. Затоа бараме да се одбие предлогот, рече Стефанова.

Рочиштето е закажано на 21 мај, кога воведни зборови ќе даде одбраната. Во овој предмет освен  Груевски, обвинети се уште 20 членови на ВМРО ДПМНЕ  за изборни измами.