СЈО бара затвор за Поповски и да плати оштета за набавените возила за МВР

СЈО побара осудителна пресуда и затвор за помошникот-министер во МВР за јавни набавки, Ѓоко Поповски обвинет во предметот „Триста“, а тој негира било каква вина, денеска во завршните зборови од рочиштето. Судијката Добрила Кацарска го закажа соопштувањето на пресудата на 22 мај.
Поповски е обвинет дека извршил набавка на 300 возила за МВР во периодот од 2008 до 2012 година, при што не ги почитувал законските прописи за јавна набавка и го оштетил буџетот 453.570 евра.

СЈО побара осудителна пресуда и Поповски да плати отштета од над 27 милиони денари и судски трошоци.

Обвинетиот Ѓоко Поповски се изјасни дека не е виновен и дека очекува одбивателна и ослободителна пресуда. Неговите адвокати побара Поповски да биде ослободен од обвинението, а тој самиот посочи дека целата постапка која се води приотив него сериозно влијаела на неговото здравје.

Возилата кои се предмет на кривично дело сè уште ги користи полицијата. Кога се формираше СЈО, јас и Катица Јанева потпишавме договор да им отстапиме едно возило – „шкода суперб“, кое исто така беше и е предмет на кривичното дело за кое ме гони истото СЈО. Изминатиов период се соочив со многу закани и уцени, притисоци на кои тешко одолеав, а добив и отказно решение од полицијата под сомнителна дисциплинска постапка, изјави Поповски.

Ѓоко Поповски е обвинет и во случајот „Тенк“, за набавка на луксузниот „мерцедес“ од 600 илјади евра.