СЈО: Бомбите на Ел Чека не се од СЈО

Специјалното јавно обвинителство во врска со написите објавени во дел од медиумите и различните толкувања на вчерашната изјава на специјалната јавна обвинителка денеска преку соопштение нагласува дека новообјавените разговори на Фејсбук профилот со псевдоним „Ел Чека“ не потекнуваат од СЈО.

Во оваа смисла, ја уверуваме јавноста дека сите аудио материјали со кои располага ова Јавно обвинителство се чуваат под строго пропишани безбедносни процедури кои опфаќаат физичка, административна и информатичка безбедност на информациите. Воедно, при анализа и обработката на материјалите се постапува согласно со воспоставените интерни правилници и процедури за евидентирање на процесот на преслушување и обработка на материјалите, како и обврската за целосно почитување на принципот на тајност и заштита на приватноста на граѓаните на Република Северна Македонија и други лица, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, и со тоа на секое лице да му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, велат од СЈО.

Оттаму ги повикуваат сите субјекти кои поседуваат аудио материјали кои се предмет на незаконско следење на комуникациите да ги достават до СЈО.