СЈО: Лиле Стефанова не е уапсена

Обвинителката Лиле Стефанова не е уапсена, соопштуваат од Сецијалното јавно обвинителство.

„Ова Јавно обвинителство категорично ги демантира написите на некои медиуми во кои се тврди дека обвинителката Лиле Стефанова е уапсена вчера.

Воедно апелираме до сите медиуми да не се објавуваат било какви информации, без претходно да бидат проверени, стои во соопштението од СЈО

И обвинителката Стефанова ја демантираше информацијата дека е уапсена. Оваа вест утринава се појави на социјалните мрежи, но и во неколку медиуми. Откако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја отвори истрагата за случајот „Рекет“, дел од медиумите постојано го споменуваа нејзиното име.

-Најостро ја демантирам информацијата дека сум била уапсена. За секоја идна шпекулација ќе преземам соодветни законски мерки, изјави обвинителката Стефанова за „Фокус“.

Претходно медиумите шпекулираа и дека е извршен претрес кај обвинителката, но таа информација лично ја демантираше Стефанова, но и обвинителката Вилма Русковска, која ја води истрагата.

Во „Рекет“ осомничени се Бојан Јовановски и Зоран Милевски- Кичеец, а под лупа на Русковска единствено е обвинителката Катица Јанева, но засега ниту таа не е осомничена.

Обвинителката Стефанова неодамна на прес конференција во СЈО изјави дека решенијата за домашен притвор на бизнисменот Орце Камчев и тоа да му се даде времен пасош, ги потпишала Јанева.