СЈО останува без „бомби“, Дескоска бара поддршка од опозицијата за реформските закони

Министерката за правда Рената Дескоска по денешниот брифинг со новинарите изјави дека очекува годинава Собранието да биде посветено на реформскиот пакет закони и 2019. да биде година на реформи во правдата, бидејќи тие се и клучниот услов за евроинтеграцијата.

„Бомбите“ пуштени низ вода – СЈО ќе мора да бара нови докази

Иако министерката Дескоска истакна дека очекува реформските закони да бидат поддржани и од страна на опозицијата, особено оние кои се усвојуваат со двотретинско мнозинство, односно со поддршка од 80 пратеници, таа сепак нагласи дека е неизвесна поддршката за Законот за СЈО, кој неодамна го изготвија обвинители од оваа институција заедно со владини претставници.

Со предлог законските измени се предвидува проширена надлежност на СЈО, кое би функционирало во рамките на ОЈО.

Дел од пратениците, особено од опозицијата, сепак изразиле негодување за евентуалните измени и наводно, нивен услов, за да го поддржат законот, е да се забрани користењето на „бомбите“ како докази во обвиненијата на СЈО. Оттаму, најголемиот дел од обвиненијата кои ги поднесува СЈО би можеле да пропаднат. Според Дескоска, обвиненијата кои досега се покренати, доколку се направи компромис со опозиционерите, не би биле засегнати, а мерката за забрана за користење на прислушуваните разговори би се однесувала на истрагите и предистрагите. Министерката додаде дека „бомбите“ ќе можат да се користат само како индиции за сторени кривични дела, а обвинителите од СЈО, врз основа на индициите би биле приморани да бараат нови цврсти докази за да го поткрепат обвинението. Дескоска потенцираше дека каков и да е финалниот предлог за овој закон, СЈО како институција ќе мора да ја задржи својата моќ.

Европската комисија бара Антикорупциска да има увид во банкарските сметки на функционерите

Што се однесува до останатите реформски закони, говорејќи за Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Дескоска посочи дека во дел од собраниските амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ на ова законско решение има и такви со кои се бара да се тргне надлежноста на идните членови на ДКСК да вршат увид во банкарските сметки на функционерите.

– Апелирам до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да бидат свесни за значењето на Законот за спречување на корупција и да се откажат од одредени барања што ги имаат, кои треба да придонесат за намалување на значењето, улогата и надлежностите на ДКСК. Она што реално предизвикува проблем во нивните амандмани е барањето за бришење на условот за забрана за политизација на членовите, односно спречувањето одредени членови што биле политички активни во изминатиот период или биле донатори на политички партии да не бидат членови. Понатаму барањето да се тргне надлежноста за увидот во банкарските сметки на функционерите, рече министерката за правда.

Од ВМРО-ДПМНЕ поднеле амандман со кој се бара контролата на финансирањето на политичките партии да не е во надлежност на ДКСК.

– Сметам дека тоа се барања што не може да бидат удоволени. Ако бидат удоволени тоа ќе значи носење на закон што нема да биде согласно препораките на Европската комисија, што е неприфатливо за нас како Влада, рече Дескоска.

Министерката за правда посочи дека за нив е неприфатливо и барањето да се формира Национален совет за борба против корупцијата, бидејќи тоа би значело паралелизам во делувањето и работата на Антикорупциската комисија.

Говорејќи за амандманите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на ова законско решение, Дескоска рече дека дел од амандманите може да бидат прифатени, но оти најголемиот дел се неприфатливи.

Министерката за правда очекува безрезервна поддршка од целиот Парламент за носење и на Законот за судови што веќе има позитивна оценка од Венецијанската комисија и, како што додаде, таа оценка укажува дека сите нивни препораки се имплементирани, како и на Законот за прекршоци со кој се намалуваат казните и глобите за граѓаните и за фирмите.