СЈО останува самостојно обвинителство, добива проширени надлежности?

Доколку се донесе новиот предлог закон, Специјалното јавно обвинителство ќе може да ги истражува и гони  Претседателот на државата и лица кои тој ги имeнувал.

Избрани функционери во и од Собранието и Владата, амбасадори , судии,  јавни обвинители и градоначалници .  Досега, Специјалниот јавен обвинител беше овластен и надлежен да истражува и гони кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на новластеното прислушување извршено во периодот меѓу 2008 и 2015 година, но со предлог законот надлежностите на оваа иституција значително се зголемуваат.

Во него се предвидува и надлежност за прогон СЈО да има за кривични дела извршени од одговорни лица во политички партии против изборите и гласањето, како и од областа на животната средина и природата , култураното наследство и природните реткости, јавните финансии, платниот промет и стопанството, вооружените сили, службената должност, неовластено оддавање информации и други, ако исите се сторени во врска со постапки кои ги води обвинителството.

Со новите надлежности доколку настане судир на интереси меѓу обвинителствата, крајната одлука кој ќе го застапува предметот ќе ја донесе државниот јавен обвинител.

Во случај на судир на надлежност за предметите кои спаѓаат во надлежност согласно член 11 став 2 алинеја 1 од овој закон конечна е одлуката на Специјалниот јавен обвинител, а за предметите кои спаѓаат во надлежност согласно член 11 став 2 алинеја 2 од овој закон одлука кое јавно обвинителство ќе постапува по предметот донесува Јавниот обвинител на Република Македонија.

Според овој предлог закон прв човек на обвинителството и натаму ќе остане Катица Јанева, која ќе има мандат од пет години, а обвинителите ќе бидат со неограничен мандат. Платата на Јанева ќе  се зголеми, поточно,  за разлика од претходниот закон каде нејзината плата беше 10% пониска од платата на државниот јавен обвинител, сега таа ќе биде пониска за 5%. Додека платата на обвинителите се определува во висина на плата на јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство.

Со овој закон обвинителството ќе  остане автономно, а името на институцијата ќе биде кратко и јасно , како што и беше познато во јавноста , односно Специјално јавно обвинителство. Првиот човек на обвинителството одговорноста за работата на институцијата ќе ја полага пред државниот јавен обвинител.

За овој Закон да биде усвоен ќе биде потребно дво-третинско мнозинство во Собранието.