Скандал ја тресе Грција: „Документо“ објави дека Мицотакис прислушувал министри, поранешен премиер, бизнисмени, новинари…

Министри од Владата, сопруги на министри, поранешни министри, поранешен премиер, членови на опозицијата, бизнисмени и новинари биле прислушувани од кабинетот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, објави грчкиот весник „Документо“, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што пишува весникот изворот на листата се „две личности кои имале важна улога во следењето и освен листата, ги знаат и методите и планот“, а „Документо“ објави листа со 33 лица кои преку софтверот „Предатор“ и Националната служба за разузнавање (ЕИП) биле прислушувани од кабинетот на грчкиот премиер, во чија надлежност е и ЕИП.

На листата, меѓу другите се и: поранешниот премиер од редовите на Нова демократија Андонис Самарас, шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, министрите за развој, туризам и труд, како и нивните сопруги, министерот за финансии, заменик министерот за одбрана, алтернативната владина портпаролка, поранешните министри за заштита на граѓаните итн, но и личности поврзани со големите бизнисмени во Грција, како и лидерот на ПАСОК- Движење на промена.

За методите што се користеле, весникот пишува дека од кабинетот на грчкиот премиер се давале директни наредби до Националната служба за разузнавање (ЕИП) и „ова беше и причината зошто лично премиерот Кирјакос Мицотакис ја презеде ЕИП“, а со одлука од обвинител „поради национална безбедност“ било давано зелено светло за прислушување, кое траело кратко за потоа следењето се преземало со софтверот „Предатор“.

-Целта на официјалното прислушување беше да се лоцира со кого има контакти следениот, односно да се откријат неговите чести контакти, а откако ќе се откриеше тоа, следењето го преземаше „Предатор“, пишува весникот.

Повеќето членови на Владата, кои се на листата на „Документо“, во одговор за весникот рекле дека не знаат или дека прв пат слушаат за такво нешто.

Со информациите што денеска ги објавува „Документо“, скандалот со прислушувањата во Грција зазема нови и поголеми размери, со оглед на тоа дека досега, обид за следење со софтверот „Предатор“ имаа пријавено само лидерот на ПАСОК- Движење на промена Никос Андрулакис и пратеникот и поранешен министер од СИРИЗА Христос Спирѕис, како и двајца новинари чии мобилни телефони бил хакирани со конкретната програма.

За текстот и објавената листа во весникот реагираше портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому кој рече дека потребна е темелна истрага од надлежните органи и особено од грчкото правосудство, „иако објавата не е поткрепена со документи“ и „недостасуваат податоци“.

Додава дека новинарот и издавачот на „Документо“ Костас Ваксеванис се обидува да ѝ наштети на Владата и да создаде проблем во Нова демократија.

-Софтвери за следење постојат во Грција, како и во цела Европа, но не се купени и не ги користи ниту еден јавен орган. Владата од првиот момент побара да се истражи овој случај и во тек е отворена судска истрага, рече Иконому во писмената изјава и додаде дека Владата ќе воведе целосна забрана за трговија и користење на малициозни софтвери на нејзината територија.

За случајот со прислушувањата во Грција и употребата на софтверот „Предатор“, минатата седмица во Атина беше истражната комисија ПЕГА од Европскиот Парламент, а на прес конференцијата во петокот побараа итно и целосно да се расчисти случајот пред следните избори во земјата што треба да се одржат пред следното лето.

Претседателот на комисијата Лероен Ленарес и известувачката Софи Инт Велд истакнаа дека по четиридневната посета на Грција и Кипар дознале многу работи, но и многу прашања останале неодговорени, за што Велд истакна дека си заминуваат можеби со повеќе прашања од оние што ги имале кога пристигнале.

Во однос на употребата на софтверот за следење „Предатор“ во Грција, известувачката и европратеничка истакна дека не добиле одговор кој ја користел конкретната програма и порача дека е потребна декласификација на информациите и доверливите податоци, нешто што може да го стори грчкиот премиер.

Известувачката на ПЕГА во вторник ќе го претстави драфт извештајот по посетата на Грција и Кипар.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.