Скандал: Полицајци на Блаце намерно ги кршеле камерите за да не се гледа како земаат мито

Триесет полицајци од граничниот премин „Блаце“ се под истрага на внатрешната контрола во МВР, поради сомнение дека намерно ги оштетиле камерите прикачени на нивните униформи, објави Алсат.

Според извори од полицијата на кои се повикува телевизијата, мотивот за кршење на камерите се сомнева дека е отстранување докази од ситуации кога полицајците ја злоупотребувале службената положба. Полицијата поведе повеќе истражни постапки за докажување на одговорноста и намерното уништување на камерите. Засега нема кривични пријави.

„Внатрешната контрола работи на овој случај. Утврдено е дека се скршени една камера и 12 полначи за камери. На 30 лица им е изречена дисциплинска мерка, а се применува и постапка за материјална штета. Се преземаат и други мерки за санкционирање“, велат од МВР за Алсат.

Истрагата за уништување на камерите доаѓа паралелно со истрагата покрената по скандалот со поткуп на овој граничен пункт каде пред два дена беа приведени двајца полицајци за примање поткуп, дело што беше докажано преку видеоснимка објавена на албанската ТВ Клан.