СКАНДАЛ! Полицајците во Шутка биле натепани од полицајци? Има ли Спасовски контрола над МВР?

Нови, поголеми размери добива инцидентот во Шуто Оризари, каде ќотек добија припадници на МВР, кои жители на населбата ги обвинија дека се киднапери.

Неофицијално, полицајците биле натепани од страна на нивни колеги од МВР, дознава Нетпрес од извори во истрагата.

Вчера од Министерството потврдија дека за настанот се приведени седум лица, а наводно, според изворите на Нетпрес, меѓу нив се и полицаецот Ерхан З., кој е вработен во една од полициските станици на територија на Град Скопје, како и неговиот брат Али З., кој исто така се води како вработен во службите на МВР. Двајцата се поврзани и со Енис З., кој најверојатно работи како приватно обезбедување на висок функционер на СДСМ.

Иако непотврдено, Нетпрес дознава дека за нив ќе биде побарана мерка притвор, поради можност од бегство и вршење влијание врз сведоците.

Инаку, еден од повредените полицајци, приправник во полициската станица во Чаир, Коха Ф., од Долно Блаце, од нанесените удари, најверојатно од страна на колегите полицајци, се здобил со потрес на мозок и е во животна опасност.

Коха Ф., за време на инцидентот, бил придружуван од неговиот чичко Кока Б., кому му е констатирана тешка контузија на главата.

Тешки телесни повреди се констатирани и за Агрон Р., кој вечерта бил дежурен полицаец во ПС-Чаир и кој наводно, и покрај тоа што се легитимирал, не бил поштеден од тепање.

Инцидентот се случи на улицата „Индира Ганди“, кога полицајци беа нападнати од жители на Шутка, откако претходно малолетничка наводно видела како непознати лица насилно внеле женско лице во комбе.

Вчера министерот Оливер Спасовски соопшти дека истрагата е при крај и дека ќе бидат поднесени кривични пријави за седумте приведени лица.

Се работи на препознавање на уште неколку лица што треба да бидат обезбедени и да се поднесат соодветни поднесоци, изјави Спасовски.