СКАНДАЛ: Уништена фреската „Образование“ на Кузмановски, децениски белег на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово

Фреската „Образование“ која беше едно од главните обележја на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, деновиве при реконструкција на објектот е целосно прекриена со бела боја, објави порталот Тетово Инфо.

Фреската е дело на познатиот академски сликар од Тетово Павле Кузмановски, а на ѕидот на скалите што ги поврзуваат двата ката од гимназијата е нацртана во 1966 година.

Авторот вели дека е жално што е уништено  уметничко дело, а од гимназијата велат дека сликата не била прогласена за национално дело и добиле одобрение од инспектори да ја прекријат со боја.

– Жално е кога се уништува уметничко дело, уште пожално што тоа се случило во една образовна институција која треба да ги воспитува учениците како да ја препознаат и почитуваат уметноста. Фреската е правена во периодот јануари- февруари 1966 година. Тогаш ја подготвував мојата дипломска работа на Академијата за применета уметност во Белград па го замолив тогашниот директор на гимназијата Методија Пачаџиев дали можам бесплатно да напарвам една фреска во гимназијата. Директорот беше одушевен од таа идеја. Ѕидот беше подготвен за цртање на фреската од страна на тогашните мајстори молери предводени од мајстор Вангел. Фреската беше изработена во модернистичко-кубистички стил, а јас и дадов име „Образование“ што одговара на установата каде што е поставена – вели Кузмановски.

Теута Лала, директорка на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ тврди дека се консултирала со инспектори по што дозволила сликата да биде премачкана со бела боја.

– Ја премачкавме затоа што целата слика беше оштетена од водата која течеше од олуците. На едно место падна и дел од ѕидот. Така било со години. Немаше никаква можност за реконструкција. Тоа уметничко дело не беше од национален карактер за државата. Јас за ова се консултирав со инспекторите од Тетово. Тие дојдоа, ја видоа состојбата и ми кажаа дека тоа не е од национално значење – вели Лала за порталот.

Кузмановски забележува и дека локалната власт во Тетово слично се однесува и кон другите негови слики поставени во институциите.

– Еден мој голем пејзаж со сончогледи, кој со години стоеше кај  скалите во зградата на општина Тетово исто така е отстранет. Разбрав дека негде е зафрлен во некоја несоодветна просторија. Исто така во Општината имав и 5 други слики од Тетово за кои сѐ уште не знам дали се таму – вели Кузмановски.