Скандал во Гинекологија во Битола – царски рез извршил невработен гинеколог

Скандал го тресе одделението за гинекологија во Битолската болница. Суспендирани се двајца лекари – гинеколози, откако еден од нив си ја повикал сопругата која е невработен гинеколог, странски државјанин да учествува во породување жена со царски рез. Извори од одделението за Гинекологија за „Независен“ откриваат дека скандалот се случил на почетокот на јануари, кога помладиот од гинеколозите ја внел сопругата во родилната сала. Двајцата вработени гинеколози биле во салата, но наводно работата ја препуштиле на сопругата на помладиот гинеколог.

По ова еден од вработените во Гинекологија се јавил во полицијата и го пријавил случајот. Извори од СВР Битола, неофицијално ни го потврдија настанот и велат дека се подготвуваат кривични пријави за двајца лекари гинеколози.

Инаку, според наши извори од болницата, операцијата на родилката била успешна, па наводно тоа било причината што семејството не реагирало, но затоа пак реагирале други лекари кои случајот го пријавиле во полиција.

Инаку, еден од суспендираните лекари гинеколози е Гоце Чакаровски, поранешен заменик-министер за здравство и национален координатор за здравство во владата на Зоран Заев. Во изјава за „Независен“ тој не даде прецизно објаснување како се случил настанот, но ни потврди дека е суспендиран. „Случајот е во процедура. Додека не одлучи дисциплинската комисија немам што да коментирам. Кај мене нема вина. Меѓутоа, тоа е тоа“, рече Чакаровски.

По ваквиот скандал во Гинекологија, извори од ова одделение велат дека Управата на болницата донела писмена наредба во која им забранува на лекарите гинеколози кога не се на смена да доаѓаат на работа, да прегледуваат и да оперираат пациенти. И дека во операциската сала сала можат да влегуваат само гинеколози и вработени кога се на смена.

Извор: Независен.мк