Скандал во Грција! Лекар барал поткуп според тежината на новороденчето

Лекар од болница во Атина побарал од сопругот на родилка поткуп за породувањето, во согласност со тежината на новороденчето, пишува весникот „Катимерини”, повикувајќи се на очевидец.

Сведокот – професор Ставрос Анагностопулос од Универзитетот во Патра, бил на преглед во атинската државна болница, каде во чекалницата разговарал со мажот,  чија сопруга била хоспитализирана по раѓањето.

Двојката, од грчки град во внатрешноста, побарала помош поради компликации за време на бременоста. Лекарот во Атина побарал да му платат однапред 1.000 евра, а по раѓањето – дополнителен износ, во согласност со „килограмите на новороденчето”.

По тешкиот зафат, при што била отстранета матката на мајката, детето се родило со тежина од 2 килограма. Лекарот си пресметал и дополнителни 1.000 евра за килограм, па побарал уште 2.000 евра.

Сопругот на родилката се согласил да го плати митото, а додека ја „собирал“ сумата, што траело 2 дена, неговата сопруга се уште се наоѓала на интензивна нега по операцијата.

Според пишувањата на „Елефтерос типос”, Лекарскиот сојуз во Атина покренал истрага за наводите и изразил подготвеност да интервенира во рамки на овластувањата.